Сондата „InSight“ ја испрати првата фотографија од површината на Марс

Сондата на НАСА – InSight, синоќа безбедно слета на Марс, започнувајќи ја својата двегодишна мисија. InSight е првиот објект дизајниран од луѓето со цел да ја истражи длабоката внатрешност на „Црвената планета“.

По пат, InSight ја испрати и првата своја фотографија од Марс:

Сепак, успешното слетување на InSight на површината на Марс не беше доволно за целосно славје во центарот на NASA на Земјата. Следно се чекаше на сигнал од соларниот систем на сондата, без кој таа нема да може долго да работи. Сигналот стигна:

„Сондата врати потврдни сигнали дека нејзините соларни панели се отворени и дека се полнат собирајќи сончева светлина“, објавија од НАСА.

Челникот на проектот – Том Хофман, најави дека сега неговиот тим може да здивне, за разлика од InSight, која сега почнува со работа:

„Сега следува возбудливо ново поглавје за InSight: површински операции и почеток на инсталација на инструментите кои ќе го истражуваат Марс“, рече Хофман.

Веднаш по слетувањето, InSight ја направи и испрати и првата фотографија од својот нов дом. На фотографијата се гледа интересен пејзаж од Црвената планета, со дел од сондата и нејзините инструменти во преден план.

24 месеци на Марс

InSight влезе во ретката атмосфера на Марс со брзина од 19.795 км/ч, по што следеше 123 километри долго слетување. 7 минути подоцна, сондата слета во средиштето на рамнината Elysium Planitia, која се наоѓа во близина на екваторот на Марс.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

InSight носи инструменти кои ја детектираат температурата на планетата, но ќе мери и сеизмички појави – досега тоа го правевме само на Земјата. За разлика од роверот Curiosity кој во 2012-та успешно слета во кратерот Gale на Марс, InSight ќе биде неподвижна. Таа е позиционирана во една точка и главен фокус ѝ е длабинска и детална анализа на тлото. Другата разлика со Curiosity е што ќе може да буши многу подлабоко – до 5 метра длабочина.

На Марс ќе помине 24 месеци, што е приближно 1 марсовска година. InSight ќе се обиде да одговори на неколку основни прашања: каков е составот на тлото, колкава е температурата во внатрешноста на Марс, дали јадрото на Марс е течно или цврсто, но и дали под површината има течна вода. Овие податоци би можеле да ги одгатнат мистериите за настанувањето на планетата, од што би можеле да научиме и нешто повеќе за настанувањето на Земјата и другите планети во Сончевиот систем, како и тоа зошто и како планета полна со лава (каква што била Земјата) се претворила во планета погодна за живот.

Успешни се помалку од половината од мисиите на Марс

Разните вселенски агенции досега имаат испратено вкупно 44 роботизирани сонди на Марс. Само 18 од нив успеале да се пробијат до Црвената планета. InSight е 8-ми пат Американците да слетаат на Марс.

- Реклама -