Соочени со невакциниран попишувач, граѓаните да не се плашат да изберат здравје – апелира Мицкоски

Во моментот кога сите попишувачи ќе бидат вакцинирани против Ковид-19, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи пописот, порача во „Тема на денот“ во Дневникот на „Сител“ лидерот на најголемата опозициска партија – Христијан Мицкоски. Според него, не е проблем ниту ако тоа се направи по цена на одложување на локалните избори.

„Имам модифициран предлог: Веднаш нека се донираат 5-6 илјади вакцини за попишувачите, нека ги имунизираат попишувачите. Тоа е процес кој што трае месец дена, ќе се одложи процесот на попишување на население и домаќинства, но што е тоа во споредба со 20 години чекање? И тогаш, откако ќе се заврши имунизацијата со попишувачите, да се одржи пописот. Првиот момент кога ќе имаме имунизирани попишувачи каде што здравјето на граѓаните нема да биде загрозено и нема да постои опасност попишувачите да шират опасност, ние ќе го поддржиме пописот“, изјави Мицкоски.

Прашан што би направил доколку пописот не се одложи и на неговата врата се појави невакциниран попишувач, Мицкоски вели дека „на памет не му паѓа да разговара со неимунизиран попишувач“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Прашан што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ во таков случај, Мицкоски без конкретен одговор или повик за бојкот, но со апел граѓаните „да изберат здравје“.

„Избирам живот, наместо да бидам заробеник на политичкиот договор Заев-Ахмети. Граѓаните не смеат да бидат заложници на политичкиот договор Заев-Ахмети, јас го избирам здравјето на сметка на тој договор и упатувам апел граѓаните да го изберат здравјето на сметка на тој политички договор“, рече лидерот на најголемата опозициска партија, појаснувајќи дека здравје се избира така што граѓаните ќе решат дома да примат вакциниран попишувач.

Според Мицкоски, тоа не е бојкот, туку е „избор за живот“. Прашан за предупредувањата за казни, тој тврди дека граѓаните немаат причина за загриженост.

„Здравјето на граѓаните е најважно и со Устав загарантирано како неприкосновена физичка големина. Оставете Заев што збори, нека бидат слободни, нема казни за пописот, здравјето никој не смее да им го загрози“, вели Мицкоски, додавајќи дека е подготвен да понесе одговорност за кажаното.

- Реклама -