Советот на амбасадори апелира на смирување на емоциите, ја потсети Софија на доблеста на Германија да се извини за неправдите

Советот на амбасадори смета дека итно треба да се смират емоциите, да се промислува државнички и да се делува трезвено, бидејќи до решение може да се дојде само низ преговори помеѓу двете дипломатски служби, соопшти денеска Советот во врска со, како што оценува, растечките тензии во македонско-бугарските односи, кои ескалираат до посериозни размери по непосакуваните инциденти во Охрид, но и со серијата нетолерантни ставови на високи бугарски државници за перспективите на македонските евроинтеграциски процеси.

Нагласувајќи дека со големо внимание и загриженост ги следи овие случувања, Советот на амбасадори потенцира дека „алтернативи нема, освен засилен конфликт, чии димензии уште потешко ќе се контролираат, кој на крајот на краиштата и тогаш мора да заврши со преговори, како што завршувале сите големи конфликти низ историјата, само со далеку повисока цена“.

„Ние, членовите на овој Амбасадорски совет веруваме дека и во Бугарија има промислени луѓе кои разбираат дека ниедно вето или долготрајна блокада, особено ваква, при изработено и заслужено членство на нашата земја во ЕУ, не е ништо друго освен негативен удар и за нашите соседи, но и за целиот југоисточен регион на Европа! Единствено целосната македонска европска интеграција и непостоењето на било какви граници, вета и други бариери помеѓу двете земји ќе доведе до создавање атмосфера за надминување, решавање и премавнување на сите отворени македонско-бугарски прашања и предизвици“, се наведува во соопштението на Советот.

Прочитајте и:  Вајц: Треба промена на Уставот, но и треба да работиме да обезбедиме гаранции дека Бугарија нема да има нови барања

Од таму оценуваат дека за македонската држава останува задачата да изнајде начин и да отвори можности, пред ЕУ да се претстават несоборливи аргументи дека сите бугарски условувања за побрз влез на земјава во оваа влијателна политичко-економска заедница се неосновани и надвор од европскиот дух, но и од духот на актуелната историска епоха.

„Европската интеграција беше создадена за да се овозможи амбиент за изградба на доверба помеѓу народите и државите, но како рамноправни членки на Европската Унија и со непречена соработка и комуникација помеѓу граѓаните, институциите и економиите. Советот на амбасадори потсетува на достоинствениот чин на Германија која пред повеќе децении изнајде политичка волја и сила да се извини за големите неправди и злосторства што во минатиот век му ги нанесе на човештвото. ЕУ тоа искуство може да го користи и низ дијалогот со земјите-членки во врска со македонската интеграција низ процесот на преговори“, се потенцира во соопштението.

Советот смета и дека консензусот при одлучувањето во Унијата веќе претставува сериозна пречка за развојот на ЕУ и ја повикува сè поактивно да размислува одлучувањето за некои важни прашања, како што е и приемот на нови членки, да го направи поефикасно врз принципот, консензус минус еден или минус два.

„Тоа се решенија од интерес и за самата ЕУ“, заклучува Советот на амбасадори.

МИА

- Реклама -