Спасовски бара Обвинителството да се позанимава со „обидот за саботажа“ од страна на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

„До сите кои што мислат дека со опструкции и саботажи ќе нѐ спречат во пресметката со криминалните структури: Нема да нѐ застанете и поколебате“, ваква порака испрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски до ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кои ги обвини за обид за саботажа на денешната акција во која беа уапсени 9 службени лица во МВР кои издавале македонски патни исправи и лични документи на странски државјани вмешани во криминал.

„При реализација на акцијата се соочивме со обид за саботажа, која за среќа не успеа. Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози сѐ што беше сработено во период повеќе од една година“, рече Спасовски, алудирајќи, пред сѐ, на вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, тоа е недозволиво застанување против полицијата и борбата за правда, со кое треба да се позанимава и Јавното обвинителство.

Како дел од обидот за саботажа, Спасовски ги истакна и денешните информации во некои од медиумите – дека истрагата ја започнал Наќе Чулев, кога беше технички министер за внатрешни работи, и дека МВР потоа не преземало ништо. Според министерот, тоа е целосна невистина, а истрагата започнала на 20 февруари 2019-та година.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

„За ваквите обиди за саботажа очекувам да се произнесе и Јавното обвинителство“, изјави Спасовски.

„Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ и да не излезевме храбро, како политичка партија, во јавноста денеска, на денешната прес-конференција, немаше да се пробудат од зимскиот сон кој што ги зафатил изминатите четири години“, одговори, пак, Мицкоски, на обвинувањето од МВР дека пресот бил обид за саботажа

„Ако ја спроведувале во последните година дена, тогаш требало да ја спроведат. Дај Боже стално вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите, но треба да почнат од себе, не да почнат од службеникот или службеничката што зема оттисок од прст и фотографира. Бидејќи на нив им било така кажано од други структури, затоа немојте да ме убедувате дека тој службеник знае кој е Јован Вукотиќ или уште помалку знае кој е Георги Андонов. Или пак Седат Пекер, а уште помалку знае кој е Џадин Адемовски и уште такви стотици лица“, рече Мицкоски.

Според него, аферата „Мафија“ потврдува дека Владата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските нарко-босови.

- Реклама -