Спасовски: Гласањето нема да го загрози здравјето на граѓаните, во маркет се задржуваме подолго отколку на гласачко место

„Овие избори ќе бидат запаметени заради тоа што ќе се одржат во услови на пандемија каква што светот не памети во својата понова историја. Денеска да си посакаме овие избори да ги паметиме и заради нивното успешно спроведување и во овие услови. Да биде запишано дека се организирани и спроведени со максимална заштита по здравјето на граѓаните, во фер и демократска атмосфера, во која граѓаните ќе го остварат своето право на глас и на избор“, порача денеска премиерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата по повод почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули.

Спасовски истакна дека државата се наоѓа во исклучително значаен период кога и` е потребно и се очекува непречено функционирање на институциите за да можат да се носат сите неопходни одлуки за менаџирање на кризата – односно ново активно Собрание и целосно функционална политичка Влада, посочувајќи ги изборите, во тој контекст, како решение за излез од здравствената, социјална и економска криза.

Спасовски оцени дека институциите и државата покажале капацитет за справување со последиците од коронавирусот, но следната фаза, порача, мора да биде спроведување на изборен процес со максимална заштита на сите учесници во него, при што увери дека во тек се сите подготовки за целосно безбеден изборен процес со обезбедување на сите неопходни услови.

„Правото на граѓаните да го искористат својот глас нема да го загрози нивното здравје. Се повикувам на епидемиолозите, кои потенцираа дека процесот на гласање не ги изложува гласачите на ризик, доколку ги почитуваат мерките.

На гласачките места се задржуваме 3-5 минути, што е помалку од нашето одење во маркет или на пазар. Значајно е да разбереме дека треба да ги носиме маските и да одржуваме дистанца. Да си го оствариме граѓанското право, но и обврската да создадеме функционални институции, затоа што во Северна Македонија, граѓаните одлучуваат какви ќе бидат институциите и системот“, порача Спасовски.

 

 

- Реклама -