Спасовски: Јавноста да биде спокојна, МВР нема да дозволи протестите да бидат злоупотребени за разгорување на меѓуетнички тензии

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево повторно упати апел до граѓаните, но и до политичките субјекти коишто сакаат да го искажат својот став преку протест, тоа да го сторат на мирен начин.

„Би сакал да упатам апел до вас, граѓаните, но и до политичките субјекти, коишто сакаат да ги искажат својот став преку протест, тоа да го сторат на мирен начин. А бидејќи владеењето на правото и демократијата се меѓусебно поврзани и условени, би сакал уште еднаш да потсетам дека секој јавен собир (протест), согласно закон, мора да биде уредно пријавен. Притоа, освен известувањето за блокадите од 08.07.2022, кое беше доставено како акт до МВР истиот тој ден, иако според Законот за јавни собири треба да се достави најдоцна 48 часа пред почетокот на одржувањето, ниту еден од протестите во изминативе неколку денови не беше уредно најавен и пријавен, туку организацијата течеше преку социјалните мрежи, иницирана и водена од неколку политички партии“, напиша Спасовски на Фејсбук.

Министерот посочи дека отсуството на организатор, односно неговото формално необзнанување не може да претставува алиби за насилството врз виталните објекти на државата и врз полициските службеници кои вршат службени дејства во заштита на безбедноста на граѓаните и институциите на системот, како што ни ненајавениот протест не може да биде покритие за непреземање на одговорност за овие насилни протести, во кои беа повредени 54 полициски службеници, а 23 лица се приведени.

„Ја користам оваа прилика да ја известам јавноста да биде спокојна – МВР останува во служба на граѓаните и нема да дозволиме протестите да бидат злоупотребени за разгорување на меѓуетнички тензии. Полицијата постапува согласно добиените оперативни сознанија и ќе биде распоредена на соодветен начин согласно потребите. Воедно, би сакал да упатам порака и до креаторите на тензии – не злоупотребувајте го правото на протест на граѓаните за создавање на ваша, деформирана слика во јавноста. Нечесно и недостоинствено е да се злоупотребуваат граѓаните како параван за неоправдано насилство во исклучиво политички цели“, напиша министерот за внатрешни работи.


^ Од денешниот протест против францускиот предлог

Тој посочи дека чинот на насилство нема оправдување.

„Ние како држава сме горди на цивилизациската придобивка на протест, а токму мирните протести се есенцијален дел на една демократија. Апелирам да се практикува мирен протест, како дел од дијалогот. МВР продолжува да ги штити уставните права и да ја обезбедуваме сигурноста на сите граѓани“, додаде Спасовски.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Политичката партија Левица, инаку, денеска до Одделот за внатрешни работи при МВР поднесе претставка за барање за отпочнување постапка за утврдување дисциплинска одговорност на полициски службеници кои интервенирале при вооружениот инцидент кај плоштадот „Скендербег“ на 7 јули, за време на протестот против францускиот предлог.

Според портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ, овие полициски службеници не постапувале според Правилникот за вршење на полициските работи.

„Како што знаеме, неколку лица кои јасно се гледаат од фотографиите објавени низ медиумите свесно употребиле огнено оружје и со различни дејствија го нарушиле јавниот ред и мир. При овој инцидент, полициските службеници кои се наоѓаат на местото на настанот не презеле соодветни мерки за неутрализирање на опасноста која може да настане при употреба на оружјето. Сето ова е видно од бројните слики и видеа кои се појавија на социјалните мрежи“, рече Мециновиќ на денешната прес-конференција по поднесувањето на претставката.

Според него, со својата постапка полициските службеници „обмислено постапиле“ спротивно на Правилникот за начинот за вршење на полициски работи. Како што потенцираше, полициските службеници требале според член 42 да ги предупредат вооружените лица, според член 45 да им наредат да го спуштат оружјето, според член 47 да го одземат употребеното оружје и според член 55 вооружените лица да бидат задржани.

„Единаесет лица се наоѓаат во притвор за нередите пред Собранието, иако ниту едно од тие лица не е она со качулките кои беа уфрлени да го предизвикаат инцидентот. Сведоци бевме и на употреба на прекумерна сила од страна на полицијата пред Собранието, целосно спротивно на тоа како полицијата постапи за време на инцидентот кај плоштадот ‘Скендербег’. Според податоците кои пристигнуваат до нас, целото сценарио од петтиот ден од народниот протест е во режија на структурите на безбедност, под палка на пробугарската власт“, додаде портпаролот на Левица.

Тој напомена дека и албанскиот народ во историјата, исто така, се соочувал со идентитетска репресија и негативни квалификации и ги повика и Албанците да се придружат на денешниот протест, во кој ќе маршираат од плоштадот Скендербег до МНР, за, како што рече, да испратат порака на „сплотеност против надворешните непријатели“.

- Реклама -