Спасовски: Киднапирање на деца и укинување на бенефициран стаж се лажни информации пред избори

Лицето кое вчера лиферуваше лажна вест дека деца се киднапираат е приведено и самото признало дека го измислило настанот, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој посочи дека како се доближува годината на избори, така и почнуваат да се, како што вели, „плетат“ такви приказни.

„Ако погледнете историски пред три години истава оваа шема во јавноста беше дека наводно се појавуваат групи, автомобили, комбиња итн.,коишто киднапираат деца. Таква информација, односно дезинформација се појави вчера, која ја пренесоа и медиумите. Веднаш лицето беше приведено, за него баравме и итна мерка мерка да се одреди притвор. Никој не смее да си игра со мирот и спокојството на граѓаните. Лицето само призна дека го измислува овој настан“, вели Спасовски, кој беше во увид на градежни активности за изградба на нова Полициска станица во Општина Аеродром.

Прочитајте и:  Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати

Тој рече дека како Министерство за внатрешни работи енергично ќе се борат со вакви манипулации, без разлика каква и да е нивната природа и од каде доаѓаат.

Спасовски ја демантираше и информацијата за укинување на бенефицираниот стаж на полициските службеници и исплатата на отпремнините кога заминуваат во пензија.

„Уште една ноторна невистина и јас жалам што тоа го пласираат поединци од одредени синдикати во МВР. Ја видов таа информација дека наводно ќе се укине бенефицираниот стаж за вработените полициски службеници, дека наводно ќе се укине поволноста за пензионирање да се користат десетте најповолни години и дека ќе се укинат петте отпреминини коишто ќе ги земаат полициските службеници. Упатувам порака до секој полициски службеник: додека јас раководам со МВР нема шанса никој да укине ниту едено право коешто е стекнато досега“, подвлече Спасовски.

МИА

- Реклама -