Спасовски му ја предаде премиерската должност на Заев, му посака успешен четиригодишен мандат

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска му ја предаде должноста на новиот премиер Зоран Заев, чија Влада синоќа Собранието ја изгласа со 62 гласа „за“ и 51 глас „против“. Притоа, Спасовски на Заев му посакал успешен четиригодишен мандат, во кој, како што вели, „заедно ќе се заложат да ги остварат приоритетите за коишто ја добија довербата од граѓаните: сигурна иднина, заштита на јавното здравје, нова развојна економија, правда, европски перспективи“.

„Имав чест и голема одговорност да ја предводам Владата во специфичен период, во којшто заедно се согласивме дека преодната Влада успешно одговори на предизвиците. Продолжуваме да работиме заедно во новата Влада, на граѓанските интереси и за доброто на државата, секој од нас според доверените должности“, напиша Спасовски на Фејсбук.

Вториот владин кабинет на Заев го сочинуваат 19 министри, седум помалку од претходната Влада. Тој ќе има четворица заменици (вицепремиери): Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Николовски – вицепремиер за борба против корупција, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, и Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања.

За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Ирена Стефоска – министерка за култура, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Насер Нуредини – министер за животна средина, Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација, Аријанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Горан Милевски – министер за локална самоуправа.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

„Ќе работиме и ќе дочекаме правен систем во кој граѓаните ќе веруваат, кој ќе дели правда еднаква за сите ќе работи на ефикасен, транспарентен и ефикасен начин. Ќе работиме и ќе имаме европско образование, кое ќе подготвува едуцирани млади луѓе кои лесно ќе наоѓаат работа и лесно ќе го организираат својот живот по завршување на своето образование. Ќе работиме за уште посилно и поквалитетно здравство кое ќе продолжи да води целосна грижа за здравјето на сите граѓани уште подобор од сега“, порача премиерот Заев.

Тој најави одлучна и бескомпромисна борба против сивата економија во државата, незаконското економско работење, избегнувањето на плаќање даноци, шверцот и корупцијата.

Најави и брза и навремена поддршка на најсиромашните и на оние кои најмногу им треба помош и поддршка, како единствен пат до праведно и правично општество и среќни граѓани.

„Ветуваме храброст, мудрост, работливост и чесност, пред сѐ на домашен план, на полето на економијата и правдата, сѐ исклучиво во интерес на граѓаните“, порача Заев.

„Претстои стабилен политички период. Република Северна Македонија е членка на НАТО, има одлука за почеток на преговори со Европската унија, сега пред нас е период на трансформација и европеизација на државата“, додаваат од СДСМ. „Продолжуваме уште повеќе и уште подобро, заедно со граѓаните испишуваме светли страници на нашата историја“, велат од партијата.

- Реклама -