Спасовски: Отворивме сериозна битка со криминалните структури, најголем дел од нив се веќе зад решетки

Kонечно има разврска за пресметките кои во минатиот период се случија во Скопје, имајќи предвид дека тие банди и криминални групи се градени 30 години, вели Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за “Радио Слободна Европа”.

“Се отвори конечно еден широк фронт на борба од страна на МВР против овие структури и за тоа постојат конкретни факти и докази и арументи. Ако ги погледнете криминалните структури, борбата со трговијата со дрога, борбата со трговијата на оружје, кои се лицата коишто се уапсени, кои се тие коишто се наоѓаат на издржување на казни затвор, тоа се структури кои потекнуваат од тие криминални структури коишто биле во Скопје или државата”, рече Спасовски.

Како што посочи министерот, не постојат тешки и лесни кривични дела, нема мали и големи криминалци. Криминалците се криминалци.

“Во водењето на истрагите за кривичните дела, обезбедувањето на доказите се клучната работа којашто ја имаме, така да воопшто не е важно дали е уапсен за едно кривично дело или второ, важно е да се докаже кривичното дело и да имаме неселективна отворена борба која што впрочем се случуваше во изминатите години. Сами бевте сведоци минатата недела на апсење на еден криминалец на една од тие структури од Грчец, којшто беше уапсен на јавно место во центарот на Скопје”, потенцираше Спасовски.

Според него, интензивната борба со криминалот во последниот период резултирала со намалување на севкупниот криминалитет во државата за 11 отсто во 2023 споредено со 2022 година и со зголемување на ефикасноста и откривачката дејност на полицијата за 4 отсто.

“Ако погледнете процентуално ќе видите колку е висок процентот на расветлувањето на кривичните дела. Перцепцијата мораме да ја градиме на факти и аргументи. За жал градењето на тие криминални групи и структури трае 30 години. Факт е сега дека отворивме една сериозна битка којашто допринесе да го имате најголемиот дел од тие криминални групи зад решетки, без разлика за какви кривични дела се таму. Интензивно работиме на расчистувањето на овие дела меѓутоа важно е да се приберат доказите. Не може да правиме перцепција за расчистени кривични дела, само за да се задоволи јавноста, без притоа да имаме обезбедени докази”, рече Спасовски.

Извор: МИА

- Реклама -