Спасовски: Секој што се занимава со криминал ќе сноси одговорност, полицијата е на браникот на безбедноста

Секој оној што се занимава со криминал ќе мора да сноси одговорност за сето она што ќе го направи, а македонската полиција е тука и будно ќе стои на браникот на безбедноста и сигурноста, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Околу завчерашниот оружен напад под Кале, Спасовски истакна дека е можно да станува збор за пресметка во рамки на една криминална структура или меѓусебна пресметка со други криминални групи, но тоа, рече, треба да го утврди истрагата.

„Спроведуваме опсежна оперативна активност, наречена ‘Безбеден град’ и таа активност е насочена токму кон такви криминални структури. Сето она што го преземаме, го преземаме за да се спречат рекетирања, закани, уцени и продажба на наркотични средства и оружје низ целиот град. Заради граѓаните, заради сите што заслужуваат мир и спокој, полицијата продолжува со оперативната активност“, рече Спасовски во одговор на прашање на МИА.

Според него, поддржувачите на криминалните структури, во сите сфери на општественото живеење во земјата, сѐ повеќе се разочаруваат затоа што, како што рече, полицијата нема да дозволи некој да биде амнестиран за криминалот што го сторил.

Тој додаде дека истрагата околу инцидентот под Кале бара темелно утврдување на фактите и доказите и истата МВР ја спроведува во соработка со јавното обвинителство, а сето она што ќе се утврди како факт, во моментот кога ќе биде завршена истрагата, ќе ѝ биде соопштено на јавноста.

Извор: МИА

- Реклама -