Борбата против криминалните стуктури во сите сфери на општеството е еден од врвните приоритети, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за МИА.
Во контекст на последниот инцидент со пресметка на скопските картели – пукањето во „Ист Гејт мол“, Спасовски како „воопшто неточни“ ги оцени прозивките дека не се справува ефикасно со криминалните структури, како и констатациите дека секоја власт си има поддршка од еден картел.
„Јас ќе кажам дека во сите структури можеби постојат криминалци или криминални структури коишто поддржуваат други криминални структури, меѓутоа тоа не може да биде констатација за поддршка на едни или на други или за поддршка не знам на партија на власт или за поддршка на партии во опозиција. Ова што го правиме не само сега, туку изминатиот период, покажува дека еден од топ приоритетите е токму борбата против таквите криминални структури коишто ги имаме. Апсењата ако ги погледнете во изминатиот период, ќе видите дека токму лицата коишто се занимаваат со такви криминални активности најголемиот дел веќе се наоѓаат зад решетки. Само во август и септември уапсивме три лица, коишто се бараа со потерници во рамки на оперативната акција ‘Планина’, која што се однесуваше исто така на разбивање на ваквите криминални групи“, рече Спасовски за МИА.