Специјалната служба што ја штити британската кралица од плускавци

Како и секоја права кралица, Елизабета има свои сопствени робо… овај, слуги, кои ја менуваат во правење на нештата што ние обичните смртници ги правиме сами.

Една од попрестижните позиции меѓу персоналот на кралицата, од скоро, е „разгазувач на чевли“, или како што ние ја нарековме – Специјална служба за заштита од плускавци.

Имено, весникот Evening Standard објави дека кралицата вработила специјализирано лице задолжено да ѝ ги прави новите чевли поудобни. По нашки – да ги разгазува. За Британија да има кралица без плускавци и жуљеви (имаме ли ние збор за ова?), ова лице ќе ги расшетува сите нови парови чевли на кралицата, задолжително без чорапи, и задолжително на тепих.

Стјуарт Парвин, кој ја дизајнира гардеробата на Елизабета II веќе 11 години, истакнува дека чевлите, едноставно, мораат да ѝ бидат удобни. „Не смее да се случи ситуација кралицата да рече: ‘Неудобно ми е, не можам веќе да одам’“, објаснува тој, пропуштајќи да објасни како досега го избегнувале проблемот, и зошто кралицата баш сега вработува таков персонал, на стари години. Старост = лудост, можеби?

Инаку, нејзиното височество одамна носи пар црни чевли на производителот „Анело и Дејвид“, познати и како нејзини „работни чевли“. Чевлите чинат околу 2.000 британски фунти. Разгазувачот сигурно чини многу повеќе.

- Реклама -