На спомен-куќите во Велес им е потребно освежување и обновување за да можат да бидат ставени во функција на културен туризам и промоција на културното наследство, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој заедно со директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски и стручен тим од таа институција го посетија градот. Љутков ја посети црквата „Св. Димитрија“, заштитено културно добро каде што се спроведуваат активности за истражување, конзервација и реставрација, Музејот на Велес и спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Кочо Рацин и на Васил Главинов.
– Потребно им е освежување и обновување. Направен е увид, следи анализа за да може да се помогне во наредниот период. Целта е овие објекти да бидат достапни за јавноста и активно да придонесуваат за културниот живот на Велес – вели Љутков.
Тој ја посети и Куќата на Апасиеви, објект од традиционалната градска архитектура, кој во 2021 година е прогласен за културно наследство во опасност. Изработен е Основен проект за конзервација, реставрација и санација, избран е и изведувач, но процесот е во застој.
– Ќе се направи увид во моменталната состојба за да се создадат услови за продолжување на конзерваторско-реставраторските процеси за целосна заштита на објектот – рече Љутков.




