Спортот не познава граници; тој создава мостови, пријателства и отвора нови можности за соработка. Ова го нагласи министерот за спорт, Борко Ристовски, на вчерашното свечено отворање на Балканскиот шампионат во одбојка на песок за млади играчи до 22 години, кој се одржува од 25 до 27 јуни на градскиот плоштад во Тетово.
На овој значаен спортски настан присуствуваа многу почитувани луѓе: министерот за спорт Борко Ристовски, заменичката Сафије Садики Шаини, првиот заменик на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, како и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски.
– Во следните неколку дена, Тетово ќе биде срцето на балканската одбојка на песок. Ќе имаме уникатна можност да ги следиме настапите на најдобрите млади таленти – осум машки и седум женски екипи од Македонија, Албанија, Косово, Романија, Молдавија и Турција. Ова е уште еден доказ дека спортот поврзува и создава нови пријателства. Министерството за спорт гордо го поддржува спроведувањето на вакви настани, кои придонесуваат за развојот на младинските таленти и спортскиот туризам, но исто така и за создавање нова енергија во локалните заедници – рече министерот Борко Ристовски.
Македонија традиционално е домаќин на овие летни турнири во одбојка на песок за млади категории.
На Балканскиот шампионат до 22 години во Тетово, учествуваат осум екипи во машка и седум во женска конкуренција од шест земји: Македонија, Албанија, Косово, Романија, Молдавија и Турција, при што Молдавија и Турција ќе учествуваат со по две екипи во машка и женска категорија.
Овој Балкански шампионат во одбојка на песок се реализира со поддршка од Министерството за спорт, во организација на Одбојкарската федерација на Македонија и Општина Тетово, и претставува едно од најзначајните спортски настани во текот на оваа година.
Регионалното собир на најдобрите млади одбојкари на песок се претвора во вистинска спортска атракција за граѓаните на Тетово и за сите љубители на одбојката, бидејќи градскиот плоштад е модернизиран во терен за одбојка на песок.
Министерството за спорт останува посветено на создавање нови можности за млади спортски таленти низ целата држава и на зацврстување на соработката со локалните заедници.




