Спортот создава единство, не разделба

Раководството на Македонската кошаркарска федерација се дистанцира и ги осудува непримерните и националистички постапки на мал сегмент од навивачите за време на натпреварот Македонија – Романија, што се одржа вчеравечер во Куманово.

— Овие дејства не го одразуваат духот, вредностите и идентитетот на нашата федерација, ниту го претставуваат мнозинството од нашите навивачи, кои секогаш се на пример за спортска култура и поддршка. Националистички пароли, говор на омраза и поттикнување нетрпеливост немаат место ниту на трибините, ниту во спортот како целина. Ги повикуваме сите навивачи да се воздржат од слични постапки во иднина и да придонесат во создавањето на позитивна, безбедна и инклузивна атмосфера на стадионите и во салите. Исто така, континуирано ќе соработуваме со надлежните органи за идентификација на лицата кои биле инволвирани, за да се спречат повторувања на вакви инциденти. Жално е што ваков настан, кој доби највисоки оценувања од организациски аспект, сепак беше искористен од маргинална група за неспортски цели. Повторуваме: спортот обединува – не дели. Нашата заедничка цел е фер натпревар, меѓусебна почит и достоинствено претставување на нашите бои, стои во соопштението на федерацијата.

Натпреварот Македонија – Романија заврши со победа на гостите со 80:72. (МИА)