Како да се справите со љубомората кај вашиот партнер?

Љубомората е меч со две острици. Со малку љубомора од една страна му покажувате на партнерот или партнерката дека го сакате и дека ви значи, но од друга страна ја поткопувате вашата врска правејќи беспотребни испади и создавајќи расправии.

Љубомората се дели на контролирана и неконтролирана, а контролираната треба да ја има секој и таа е во границите на нормалното и доброто. Но, неконтролираната е голем проблем со кој се среќаваат сè повеќе млади парови. Како да се справите со вашиот неконтролирано љубоморен партнер? Се зависи од самиот карактер на личноста, но сепак еве неколку совети кои можеби ќе ви бидат од корист.

Разговарајте

Ова е златен лек за решавање на љубоморните сцени. Ова не важи само доколку партнерот ви е љубоморен, туку доколку и вие самите сте љубоморен тип и сте свесни за тоа. Пробајте со разговор полека доколку се сомневате во вашата партнерка или партнер и не можете да издржите а да не ја прашате каде излегла и со кого била.

Наместо со висок тон и расправија, пробајте полека и низ шега и таа или тој нема тоа да го сфати како љубоморен испад, а вие ќе го добиете саканото. Доколку пак вашиот партнер е љубоморен, пробајте да му објасните дека само него го сакате и дека не постои таква ситуација за да можете да го изневерите.

Понудете му докази доколку сте излегле на кафе со ваш стар школски другар и никогаш не сокривајте го тоа, бидејќи иако помеѓу вас имало само пријателство и тоа го сокриете, подоцна тој ќе биде сигурен дека имало нешто повеќе со што само ќе ја потхраните љубомората, а врската ќа ја ставите на работ на бездната.

Смирете се и избројте до десет

Како што рековме разговорот е златен лек за љубомората, но за да го започнете разговорот мора најпрво да се смирите. Секогаш кога вашиот партнер ќе ве праша каде излеговте или со кого зборувавте, вие смирено избројте до десет и размислете како најдобро да му објасните дека сте му верна, наместо да почнете расправија и да го прекорувате како тој или таа е љубоморно животно. Со броењето до десет ќе избегнете афектни испади, а со тоа и кавги и расправии.

Низ разговорот ослободете се од сомнежите

Кога веќе успеавте да започнете разговор смирено и без караници, тогаш отворено кажете му за вашите сомнежи без навреди и уцени. Кажете му што е тоа што вас најмногу ве тера да бидете љубоморна или љубоморен. Тој разговор што ќе следува има големи шанси да ве ослободи од тој сомнеж еднаш засекогаш и да ја промени вашата врска темелно, се разбира кон подобро.

Љубомората без контрола води кон насилство

Сепак што и да правите понекогаш едноставно не можете да ја излечите љубомората кај вашиот партнер. Понекогаш ниту еден чекор не помага. Вие сте роб на неговите или на нејзините комплекси. Многу често љубоморните мажи можат да ја поминат границата и во ситуација на љубомора да применат сила.

Никогаш не толерирајте таква врска и веднаш прекинете ја. Доколку ова се случува во врската, големи се шансите ако подоцна стапите во брак да бидете жртва на семејно насилство. Затоа подобро да ја спречите отколку подоцна да ја лечите љубомората помеѓу вас.

Објавено во соработка со За Здравје.

- Реклама -