Спремни да бидете следени преку дигитални регистарски таблички?

Возачите во Калифорнија добија можност да поседуваат дигитални таблички за нивните возила, пренесуваат американските медиуми.

Не се очекуваат многу заинтересирани, бидејќи барем засега, новите таблички се со висока цена. Набавната е 699 долари, со дополнителна месечна претплата од 7 долари. Од друга страна, ова звучи како нешто што дефинитивно нема да можеме да го избегнеме во иднина.

Табличките се изум на компанијата Reviver Auto. Иако се работи за електронски дисплеј, сликата на него ќе биде лесно видлива дури и на убав сончев ден. Притоа, дигиталната табличка ќе троши многу помалку енергија отколку што троши, на пример, LED или OLED екран.

Освен тоа, дигиталните таблички на Reviver Auto имаат и своја батерија (акумулатор), процесорска единица, GPS приемник, како и можност за безжично поврзување.

БЕНЕФИТИ

Како и секогаш кога приватноста (во најмала рака) е под закана, понудата доаѓа со извесни згодни и олеснителни бенефити.

• Последниот споменат систем (GPS и безжичното поврзување) овозможува, на пример, обновување на регистрацијата без да одите во полиција.

• Ако се случи автомобил опремен со ваква табличка да биде украден, на екранот на табличката се појавува натпис „украден“. Главната олеснителна опција за полицијата, сепак, е тоа што возилото ќе може да биде следено токму преку табличката. А ако крадците ја отстранат (секако дека ќе ја отстранат), полицијата барем ќе има информации за локацијата каде се случило тоа.

• Кај паркираните автомобили, информациите за регистрацијата на возилото ќе бидат минимизирани во аголот на табличката, притоа ослободувајќи простор за разни видови на пораки (на пример: важни известувања за сообраќајот, или едноставно реклами).

Во моментов во употреба се само 116 дигитални таблички, но се очекува бројот на возила со вакви да достигне илјада. Како и да е, во текот на експерименталниот период дигитални таблички ќе може да користи максимум половина процент од вкупната флота на возила во Калифорнија, што значи околу 175.000 автомобили.

Во Сакраменто, пак, во неколку компании се поделени вкупно 24 дигитални таблички за тестирање, но градот има проблем да го убеди работничкиот синдикат дека истите нема да бидат користени за следење на активностите на вработените кои ги користат возилата на тие компании.

Извор: Додај Гас

- Реклама -