Белград, 11 октомври 2022 (МИА) – Генералното собрание на Обединетите нации го усвои предлогот на Албанија за јавно гласање за нацрт-американската резолуција со која се осудува референдумот во Доњецк и Луганск и во регионите Запорожје и Херсон во Украина, и покрај иницијативата на Русија гласањето да биде тајно, а меѓу земјите кои го поддржаа предлогот на Албанија беше и Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој предлог беше поддржан од 107 земји, 13 земји беа против, а 39 беа воздржани, додека другите земји, вклучувајќи ги Русија и Кина, не гласаа.
Претходно постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, изјави дека Москва се залага за тајно гласање.
Западните земји подготвија за усвојување во Генералното собрание резолуција која не ги признава референдумите и ги повикува сите земји, меѓународни организации и специјализирани структури да не ја признаат промената на статусот на регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје во Украина.
Во текстот на резолуцијата има и повик да не се признае спојувањето на тие четири региони со Руската Федерација, а Москва е повикана веднаш да ги повлече своите сили од Украина.
Нацрт-резолуцијата изразува „посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и ја осудува Русија за „организирање референдуми и анексија“ на регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје.
Резолуциите што ги усвојува Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, а претходно Русија стави вето на таа резолуција во Советот за безбедност, која доколку беше усвоена ќе беше обврзувачка.