Србија објави елементарна непогода во пет градови и 11 општини поради пожари.

Владата на Србија донесе одлука за прогласување состојба на елементарна непогода во пет градови и 11 општини поради продолжената суша, недостигот на врнежи, екстремните температури и ураганските ветрови. Дел од земјата беше зафатен од сериозни пожари, кои нанеле значителни штети во јули.

„Пожарите зафатија голем дел од територијата на Република Србија во јуни и јули 2025 година, а состојба на елементарна непогода е прогласена за следните единици на локалната самоуправа: градовите Прокупље, Крушевац, Чачак, Крагуевац и Бор, како и општините Бојник, Лебане, Ивањица, Алексинац, Рача, Книќ, Житораѓе, Блаце, Куршумлија, Голубац и Мионица“, се наведува во официјалната одлука.

Во последните неколку дена, Србија се соочуваше со сериозни пожари, а најтешката ситуација беше во југозападниот дел на државата – Топличкиот и Јабланичкиот округ. Во некои општини и градови е прогласена вонредна состојба.

Сопствениците на околу 170 куќи кои беа оштетени или изгорени во пожарот ќе добијат неповратна финансиска помош од државата во износ од 200.000 до 800.000 динари. Оние чии куќи се целосно уништени, пак, ќе добијат помош меѓу три и четири милиони динари, според новиот правилник усвоен од Владата. Периодот на исплата на оваа помош за сега не е прецизирано.