Србија со протестно писмо поради најавата дека Косово ќе стане придружна членка на ПС на НАТО

Шефот на постојаната делегација на српскиот Парламент во Парламентарното собрание на НАТО, Владимир Ѓукановиќ денеска испрати протестно писмо до претседателот на тоа тело поради најавата дека „Парламентот на Косово“ ќе биде промовиран во Парламентарното собрание на НАТО од статус на набљудувач во статус на придружна членка.

Ѓукановиќ во писмото до Михал Шерби наведува дека веста од 24 март Србија ја примила со „големо разочарување и загриженост“ и бара образложение за таквата „неочекуваната и неоснована одлука“.

Во писмото тој истакнува дека „така нареченото ’Косово‘ не е независна држава“ и дека таквата одлука не само што претставува преседан во НАТО туку и „директно ја крши резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.

Тој додаде дека Косово не е членка на ОН и дека мнозинството земји-членки на ОН не ја признаваат „еднострано прогласената независност на така нареченото „Косово“, вклучувајќи ги и земјите членки на Парламентарното собрание на НАТО, како и оти во последните неколку години 28 земји го повлекоа своето признавање на „еднострано прогласената независност на т.н. ’Косово‘“.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Ѓукановиќ истакна дека е „несреќна случајност“ што одлуката на Постојаниот комитет на ПС НАТО е објавена на 24 март 2024 година, кога се одбележува 25-годишнината од почетокот на агресијата на НАТО врз тогашна Сојузна Република Југославија.

Тој повтори дека Србија „силно се спротивставува на доделувањето на придружниот статус на така нареченото „Собрание на Косово“ и изрази надеж дека одлуката нема да биде потврдена на следната седница на Парламентарното собрание на НАТО и оти очекува о Шерби „цврсти гаранции дека ова прашање нема да биде ставено на дневен ред на следната седница“.

- Реклама -