Србија вакцинираше 75 илјади граѓани за еден ден: „Со ваква бројка не можат да се пофалат ни најразвиените земји во Европа и светот“ – се гордее Вучиќ

Србија денеска го сруши сопствениот рекорд по број на вакцинирани во еден ден. Веста ја соопшти (кој друг ако не) претседателот на Србија – Александар Вучиќ.

Како што информираше тој, денеска се вакцинирале преку 75 илјади. Со таква бројка, пропорционална на бројот на население, не можат да се пофалат ни најразвиените земји во Европа и светот, истакна Вучиќ во видео обраќање преку социјалните мрежи.

Како што посочи, целта на Србија е до крајот на мај да има повеќе од 2.8 милиони вакцинирани граѓани, од кои 2.2 милиони да бидат ревакцинирани. До крајот на јуни, Вучиќ очекува да има 3 милиони вакцинирани и ревакцинирани.

Тој им заблагодари на граѓаните ширум Србија, од сите села и градови, кои донеле одлука да се вакцинираат и со тоа се заштитиле себе си, како и своите најблиски и сите други со кои имаат контакт.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

„Здравјето на нашите граѓани е најважно и затоа ви благодарам на одговорноста, а нам ни преостанува тешка битка и тешка борба за нови вакцини“, порача Вучиќ.

 

- Реклама -