Не еден, не два, туку три единствени матични броја имал Велимир Вучетиќ од Белград. Па така, на своите наследници во наследство им останало да се борат со администрацијата.
„Како е можно некој да има три единствени матични броја во кои се разликуваат податоците за датумот и годината на раѓање?“, прашува неговиот син Здравко, кој имал интересна авантура низ административните лавиринти.
Кога за потребите на оставинската постапка во општинската канцеларија му издале посмртница со различен матичен број, службениците во даночната управа не сакале да го примат таквиот документ.
„Погледнаа и река: Сè е во ред, ама не можеме да ви издадеме документ бидејќи не се совпаѓа матичниот број. Нив МВР им доставило тотално различен матичен број, по кој сè е исто освен што татко ми е три години поблад. Службеничката во МВР ми рече: Нема проблем, два броја, се случуваат грешки, сега ќе провериме. Впиша во компјутерот да види кој од матичните е валиден и тогаш ми рече: Господине, случајот е многу сериозен. Првпат ми се случува во животот, но татко ви покрај двата што ги наведовте има и трет матичен број во кој не се совпаѓа датумот на раѓање“, раскажува Здравко за РТС.
На крајот министерството за внатрешни му издало четврт матичен број за покојниот татко. Сега тој е валиден. Здравко, пак, вели дека додека татко му бил жив, секогаш му купувал роденденски подарок на 21 септември. Сега дознава, вели, дека цел живот му купувал подарок ден подоцна од вистинскиот роденден.