Срна се подготвува за сериозна борба во Скопје

Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Дарио Срна, знае дека „коцкестите“ ги чека вистински пекол во Скопје.

Тој се сеќава на мечот од 2007 година, кога Хрватска загуби со 2-0 од Македонија, иако на полувремето (при резултат без голови) дозна дека е веќе сигурен учесник на Европското Првенство во 2008. Но, Срна е многу внимателен во пресрет на новото гостување во Скопје, што ќе се случи на 12 октомври.

„Колку незгодно ќе биде во Скопје? Многу незгодно. Доволно ќе биде да се сетиме дека и пред пет години, а и сега, едвај ги добивме на домашен терен, а кај нив загубивме со 2-0, иако веќе на полувремето знаевме дека сме пласирани на ЕП. Но, тоа ќе биде едно големо искушение за нас“ изјавил Дарио Срна за хрватските медиуми.

Капитенот на „коцкестите“ смета дека Хрватска, заедно со Белгија и со Србија се трите репрезентации кои ќе се борат за првите позиции во групата, но дека Шкотска, Македонија и Велс се селекции кои можат секого да победат. „Ако мислат квалитативно, тогаш ние сме рамо до рамо со Белгија, а тука е и Србија. Но, во никој случај не смеат да се потценат и останатите, затоа што Шкотска, Македонија и Велс можат да победат секого од условно речено трите фаворити во групата“, заврши Срна.

- Реклама -