Стано: Членките на ЕУ започнаа дебата за создавање европска мисија во Црвеното Море

Како одговор на илегалното и опасно однесување на Хутите кои вршат напади со ракети и дронови брз трговски бродови во Црвеното Море, ЕУ иницираше меѓународна координација за нивно запирање и започна процес за создавање мисија за обнова на безбедноста во тој реон, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– ЕУ интензивно работи со своите партнерите и ги координира меѓународните напори за запирање на ова неприфатливо прекршување на меѓународното право, што ги доведува во опасност слободата и безбедноста на пловидбата во Црвеното Море, нагласи Стано.

Тој истакна дека меѓу земјите членки на ЕУ веќе се започнати разговори за отпочнување на европска мисија за обнова на безбедноста и сигурноста на поморската пловидба во Црвеното Море, кои, како што рече, засега се од доверлив карактер на политичко и безбедносно ниво и не може да изнесе детали за нив.

– Остро ги осудуваме нападите врз трговските бродови од страна на Хутите и бараме овие незаконски акции да запрат веднаш, додаде Стано.

Тој во понеделникот информира дека независно од тоа што некои европски земји придонесуваат во операцијата „Чувар на просперитетот“, предводена од САД, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел предложил иницијатива за отпочнување специјална европска мисија за обнова на стабилноста и безбедноста на пловидбата во Црвеното Море, за што веќе ги информирал лидерите на земјите членки на Унијата.

Според дипломатски извори во Брисел, земјите членки на Унијата ја поддржале идејата на Борел за отпочнување „специјална операција на ЕУ“ со мисија да „дејствува во пошироката област од Црвеното Море до Персискиот Заливот“.

Се очекува за овој предлог да стане збор и на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи 22 јануари, со цел мисијата да биде подготвена најдоцна до 19 февруари.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

Мисијата најверојатно ќе се базира на заедничката операција „Агенор“, што е предводена од Франција, за мониторинг во Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и дел од Арапското Море.

ЕУ ја разгледуваше можноста за проширување на својата мисија за заштита на бродовите од напади на пиратите крај бреговите на Сомалија во Индискиот Океан, но на ваквата идеја се спротивстави Шпанија, која одби каква било нејзина улога во Црвеното Море.

Според дипломатски извори, Шпанија овој пат се решила на т.н. „конструктивна апстиненција“, со цел да не ја блокира иницијативата.

САД, во соработка со неколку земји, веќе ја започнаа мисијата за заштита од напади на трговските бродови во Црвеното Море наречена „Чувар на просперитетот“, но дел од членките на ЕУ изразија резерви кон идејата за приклучување кон операција под американска команда. Во рамки на операцијата американските и британските вооружени сили веќе извршија ракетни напади врз цел на Хутите во Јемен.

Шиитското движење Хути, кое контролира голем дел од Јемен и е поддржано од Иран, тврди дека неговите напади во Црвеното Море се директен одговор на израелските акции против Хамас во Појасот Газа и претставуваат израз на солидарност со Палестинците, но цели на овие нападите беа и бродови кон немаат никаква врска со Израел.

Како последица на нападите, дел компании веќе ги пренасочија своите бродови по други рути, избегнувајќи го Црвеното Море, што се очекува да ги зголеми трошоците за транспорт, а со тоа и цените на стоките за широка потрошувачка.

Според финансискиот директор на логистичката компанија „ДП Ворлд“ со седиште во Дубаи, Јувраџ Нарајан, ваквото пренасочување на бродовите ќе резултира со „значително повисоки цени на стоките“ што од Азија се пласираат во Европа.

– Тоа ќе го почувствуваат европските потрошувачи. Тоа повеќе ќе ги погоди развиените економии, отколку економиите во развој, додаде Нарајан.

МИА

- Реклама -