Стоилковски: Ниту Заев и СДСМ се оградија, ниту некој бугарски политичар ги демантираше деталите пренесени од бугарските медиуми

„Цел ден измина, а Зоран Заев и СДСМ директно не се оградија од деталите напишани и опишани во бугарските медиуми и пренесени од светските медиумски сервиси, а се однесуваат на средбите на Заев во Софија. Ниту директно и прецизно не се оградија од прецизните описи за понудена формула од Заев за кој што пишуваат бугарските весници за понудена формула за ‘ист јазик и меѓународно признати македонскиот и бугарскиот како два јазици’.

Цел ден измина, а ниту еден од бугарските политичари со кои што се виде Заев во Софија не излезе со демант за деталите опишани во бугарските весници за понудата на Заев пред нив“, истакна денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски.

Тој обвини дека не е првпат македонската јавност детали од разговорите на Заев за идентитетските прашања да дознава од извештаи од странство.

„Овој пат прецизно се пренесува, со навод од извори во бугарската власт, дека Заев однел пет предлози, пет варијанти на таканаречен компромис, во коишто стоела и формулација за политичка декларација, цитирам, за јазичниот спор дека Бугарите и Македонците ‘истовремено зборуваат ист јазик, но и на различни јазици коишто се одделно меѓународно признати’, а предлагал и декларација дека ‘двата народи се братски’.

Ова е срамно. Доколку Заев директно не се огради од формулациите детално опишани во бугарските весници, но и ако тоа што го пишуваат таму е вистина, тогаш Заев безочно ја лажел јавноста и тоа е потврда дека директно преговара и на маса ја става посебноста на македонскиот јазик што е директно подривање на македонскиот идентитет и посебност“, потенцираше Стоилковски.

Тој додаде дека отсуството на директно оградување од наводите на бугарските медиуми, значи дека Заев молкум пред македонската јавност ја прифаќа негаторската теза дека македонскиот и бугарскиот се исти јазици, односно дека сѐ до кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, македонскиот јазик бил форма или дијалект на бугарскиот јазик. „Со молкот на Заев и без директен демант, Заев ги потврдува бугарските тези“, констатира Стоилковски.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Според ВМРО-ДПМНЕ, се поставуваат две клучни прашања: 1) Зошто Заев директно не се огради од тоа дека понудил решение коешто подразбира дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти јазици, онака како што пишуваат бугарските медиуми?, и 2) Што точно предложил како решение пред бугарската страна? Оттаму, опозицијата уште побара премиерот Заев јавно да каже за што точно преговараат со Бугарија.

„Изостанувањето на директно оградување од деталите опишани во бугарските медиуми, но и однесувањето на СДСМ во Парламентот, бегството од носење на заклучоци на собраниската комисија за носење на собраниска Декларација дека за идентитетските прашања не смее да се преговара, фрлаат поинакво светло од она што се обидува да се покрие со општи деманти и флоскули за наводно враќање на дијалогот помеѓу Скопје и Софија искажано вчера од македонската влада“, додаде Стоилковски.

Тој повтори дека доколку Заев прифати вакво решение или формулација, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати и ќе го напушти договорот.

До овој момент, нема некаква посериозна, гласна реакција на премиерот или Владата по повод шпекулациите во бугарските медиуми. Единствениот, прилично блед (во споредба со тежината на шпекулациите) демант пристигна вчера, во одговор за порталот „МКД.мк“.

„За време на вчерашните работни средби обезбедивме унапредување на меѓусебната доверба и дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија, за што добра основа е португалскиот предлог.

Решенијата мора да водат грижа за двете страни, односно да ги адресираат прашањата што се важни и за Република Северна Македонија и за Бугарија. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса.

Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија што се споделуваат низ дел од медиумите“, одговорија вчера од Кабинетот на Заев.

- Реклама -