Стоилковски: Во следниот период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука дали ќе учествуваме во пржинската влада

ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема одлучено дали ќе учествува во техничката влада што треба да биде избрана на 28 јануари и чиј премиер согласно предлогот на ДУИ треба да биде Талат Џафери, изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.

„Во следниот период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука и дали ќе се учествува и евентуално со кои имиња би се учествувало во таква влада“, рече Стоилковски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата пред Владата.

Тој нагласи дека СДСМ ѝ прави штета на државата што не го прифати нивниот предлог за укинување на проектот „пржинска влада“ за, како што рече, Талат Џафери да го стават за премиер.

„Деспотот од Форино е лик познат во јавноста од неговите кршења на закони и процедури, до снимките со неговите сочни пцости и испади, што никако не е материјал за премиер на држава како Македонија во криза. Но, Македонија со СДС мора да трпи затоа што Мала Речица, Али Ахмети и Артан Груби така му наредиле на Димитар Ковачевски. Тоа е и единствената причина зошто сè уште во Македонија постои срамен проект наречен пржинска влада, и зошто нема промена на изборниот модел“, посочи Стоилковски.

Прочитајте и:  ВРЕДИ: ДУИ ги држеше Албанците како заложници со договори на дело, ние ќе ги решиме сите неправди кон нив

Прашан дали  би го гласале Јован Митревски за претседател на Собранието, Стоилковски рече дека тоа е не битно во моментот.

„Важно е дека Талат Џафери по избор на Мала Речица и со една уцена од ДУИ кон СДС ќе биде премиер во следниот период без никаков легитимитет“, потенцира Стоилковски.

За изјавата на ДУИ дека следен проект им е шеф на државата, Стоилковски рече дека следен проект на ДУИ е заминување во длабока опозиција.

- Реклама -