Столтенберг: Хемиско оружје ќе влијае и на сојузниците на НАТО и „целосно ќе ја промени природата на конфликтот“

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази загриженост дека Русија се обидува да ги обвини Украина и нејзините сојузници дека се подготвуваат да употребат хемиско оружје, како обид за да создаде изговор за тоа да го направи самата.

Ваквите обвинувања против Украина и НАТО сојузниците се лажни, изјави Столтенберг.

Тој потенцираше дека каква било употреба на хемиско оружје „целосно ќе ја смени природата на конфликтот“, ќе претставува „еклатантно кршење на меѓународното право“, и ќе биде крајно опасно. Ќе влијае не само на луѓето во Украина, туку потенцијално и на НАТО земјите, поради ширењето на контаминацијата, посочи Столтенберг.

Тој истакна дека Русија користела хемиски агенси во минатото, вклучително и во Солсбери.

„Ова прашање ја истакнува важноста од завршување на војната“, додаде Столтенберг, оценувајќи дека „ова е опасна ситуација“.

Во воведниот говор на денешниот самит на НАТО, генералниот секретар порача дека Алијансата е обединета во осудувањето на „неиспровоцираната агресија на Кремљ“, како и во поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

„Оддаваме почит на големата храброст на украинскиот народ и на украинските вооружени сили кои се борат за својата слобода и своите права. Ги препознаваме и оние во Русија кои храбро зборуваат против војната. Ги слушаме нивните гласови. Тие се важни“, истакна Столтенберг.

Тој најави дека ќе се продолжи со воведувањето санкции против Русија со цел „да се стави крај на бруталната војна“, а посочи и дека Алијансата веќе вложува дополнителни напори за поддршка на Украина – „на копно, на море, и во воздух“.

„Тоа е неопходно за да се одговори на новата безбедносна реалност во Европа“, рече тој.

НАТО денеска и официјално потврди дека Столтенберг, кому годинава му завршуваше мандатот на генерален секретар и требаше од септември да ја преземе функцијата гувернер на Народната банка на Норвешка, поради војната во Украина ќе остане на чело на Алијансата уште една година, пренесе ДПА.

Извор: МИА

- Реклама -