Столтенберг: На 8 Март им оддаваме почит на сите жени кои го обликуваа и зајакнаа НАТО

Премногу често и на многу места, жените се соочуваат со нееднаквост и неправда и тие се главни жртви на вооружените конфликти, затоа денеска им оддавам посебна почит на храбрите жени на Украина, кои продолжуваат да се борат за своите семејства, нивната слобода и својата иднина, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

– На Меѓународниот ден на жената, им оддавам почит на големиот број жени кои го обликуваа и зајакнаа НАТО од основањето на нашата Алијанса пред 75 години. Нивната издржливост, пожртвуваност и посветеност беа најважни за нашиот успех. Поминавме долг пат во интегрирањето на родовите перспективи во нашите политики и операции, но нашата работа е далеку од завршена, наведе Столтенберг во пораката.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

Според него, одбележувајќи го Меѓународниот ден на жената, НАТО повторно се обврзува на агендата за жените, мирот и безбедноста.

– Мора да продолжиме да ја зајакнеме улогата на жените во безбедноста и одбраната, да обезбедиме еднакви можности за лидерство и да поттикнеме поправеден и инклузивен Сојуз. Искористувајќи го целосниот потенцијал на сите наши луѓе, ќе продолжиме да го правиме НАТО посилен, додаде Столтенберг во пораката.

По повод 8 Март, повици за поголема застапеност на жените во вооружените сили и на раководни позиции и за промоција на родовата еднаквост во политиките и мисиите на Алијансата, упатија и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер и специјалната претставничка на Пактот за жени, мир и безбедност, Ајрин Фелин.

- Реклама -