Столтенберг: Помогнете ѝ на Украина, бидејќи ако победи Русија ќе платиме висока цена

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ги повика членките на Алијансата да продолжат да ѝ помагаат на Украина. Во спротивно, како што рече, ако ѝ се дозволи на Русија да победи, сите ќе платат висока цена.

„Ако дозволиме Путин да победи, сите ќе мора да платиме многу повисока цена. Авторитарните режими ширум светот ќе научат дека можат да го добијат она што го сакаат со брутална сила“, рече Столтенберг на седницата на Парламентарното собрание на Алијансата што се одржува во Мадрид.

Тој, исто така, посочи дека сојузниците во НАТО мора да бидат подготвени да ја поддржат Украина на долг рок.

„Да, знам дека оваа поддршка има цена. Во нашите земји, многу луѓе се соочуваат со криза на трошоците за живот. Сметките за енергија и храна растат. Ова се тешки времиња за многумина“, рекол Столтенберг, се посочува во соопштението на НАТО, но подвлекол дека цената што ја плаќаат НАТО-сојузниците се мери во, според него, со пари, додека Украинците ја плаќаат со крв.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Говорејќи за можноста за проширување на НАТО алијансата, Столтенберг рекол дека „дојде време да се финализира процесот на пристапување на Финска и Шведска како полноправни членки на Алијансата“.

„Тоа ќе ја направи НАТО алијансата посилна, а луѓето во тие земји многу побезбедни“, заклучил генералниот секретар на Алијансата.

Столтенберг нагласил и дека зголемувањето на инвестициите во одбраната на членките ќе биде важна тема на самитот во Вилнус следната година.

Тој очекува сојузниците да ги зголемат буџетите за одбрана бидејќи, како што вели, „два проценти од БДП за инвестиции во одбраната треба да се сметаат за долната, а не горната буџетска граница“.

„Очекувам дека иако овие два отсто можеби ќе се почитуваат, ќе се почитуваат повеќе како долна граница отколку како плафон за трошоците за одбрана.

Ова се преговори што ќе продолжат, но јас сум апсолутно сигурен дека амбициите на овој или оној начин ќе се зголемат – затоа што сега сите гледаат дека треба да инвестираат повеќе“, додал тој.

- Реклама -