Столтенберг: Украинците напредуваат, но сѐ уште е нејасно дали е ова пресвртница во војната

Украинската контраофанзива напредува, но сѐ уште е рано да се каже дали тоа ќе биде пресвртница во војната, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Контраофанзивата е во тек, но сè уште не знаеме дали тоа ќе биде пресвртница во војната. Украинците напредуваат, ослободуваат сѐ повеќе територии“, рече Столтенберг на прес-конференција пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата, што утре и задутре ќе се одржи во Брисел.

Министрите за одбрана се состануваат како дел од подготовките за самитот на НАТО, што ќе се одржи следниот месец во Вилнус.

„Колку повеќе Украинците ја ослободуваат својата територија, толку посилна ќе биде нивната позиција на преговарачката маса“, рече Столтенберг, додавајќи дека и рускиот претседател Владимир Путин ќе види дека не може да победи во војната и дека мора да преговара.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

Столтенберг најави и дека министрите за одбрана ќе донесат одлука за формирање на нов поморски центар на НАТО со седиште во Велика Британија, што ќе биде задолжен за безбедноста на критичната подморничка инфраструктура.

„Центарот ќе го зголеми нашиот преглед на ситуацијата на море и ќе го зајакне поморското присуство за одвраќање и одбрана“, рече Столтенберг.

„Мораме да обезбедиме кредибилни аранжмани за Украина штом војната ќе заврши, за да не се повтори историјата и Русија да не може да се одмори, да се вооружи и да започне нов напад“, рече Столтенберг.

„На самитот во Вилнус ќе испратиме силна порака за поддршка и солидарност со Украина и ќе нагласиме дека иднината на Украина е во НАТО“, додаде тој.

МИА

- Реклама -