Дуќани и угостителски објекти во дел од Старата чаршија во Охрид добија унифицирани рекламни табли.
Станува збор за проект на Општина Охрид за разубавување на градот, во чии рамки е предвидено унифицирано рекламирање на стопанските субјекти во градот.
Со последниот зафат реализиран на потегот од плоштадот „Св. Климент Охридски“ и низ охридската чаршија, поставени се 40 нови табли.
Проектот почна минатата година, кога унифицирани информативни табли добија 74 субјектилоцирани на потегот од плоштадот „Свети Климент Охридски“ долж улицата „Цар Самоил“ се до црквата „Света Софија“, како и дуќаните на улицата „Коста Абраш“.
Градоначалникот Кирил Пецаков најави дека за следната година е предвидено со проектот да се опфатат сите објекти во чаршијата на потегот до плоштадот „Крушевска Република“ и кракот до пресекот на улицата „Туристичка“. Станува збор за околу 120 објекти ресторани и кафетерии, трговски и занаетчиски дуќани, со што ќе се заокружи овој дел од старото градско јадро.
„Понатаму ќе следува и старата чаршија за која што исто така ќе биде избрано визуелно решение согласно Правилникот и Каталогот“, вели Пецаков.
Инаку, огласните табли за прв пат го содржат називот на Македонско кирилско писмо, а до него и англиска транскрипција на називот на латинично писмо.
„Сите чекори на локалната власт во овој проект претходно беа дискутирани и усогласени со широката заедница на корисници на јавни трибини и меѓусебни консултации. Представниците, сопствениците и корисниците на деловните простори, дуќанџии, занаетчии, угостители, заеднички ги креираат идните чекори во заедничка координација со општинскиот проектен тим, па дури потоа се спроведуваа процедурите на набавка и поставување на опремата“, појаснува градоначалникот Пецаков.