Креирањето на одржлив развој согласно ЕСГ стандардите е основа за градење на иднина базирана на принципи што ќе овозможат рамномерен развој на сите чинители во општеството. Во насока на споделување искуства, кои ќе придонесат за поголема примена на политики базирани на ЕСГ стандардите, во Јуроп Хаус (Европска куќа) беше организирана стручна дискусија на тема „Важноста на управувањето како дел од ЕСГ рамката“. Дискусијата беше во организација на АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските стопански комори во странство и Македонско-германското стопанско здружение, во соработка со ЕОС Матрикс Македонија, компанија која е водечки финансиски инвеститор за управување со побарувањата, дел од Групацијата ЕОС, која спроведува низа проекти базирани на ЕСГ стандардите.
На дискусијата фокусот беше ставен на компонентата на управувањето во рамките на ЕСГ стандардите, а зборуваа Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово, дел од мрежата на германски комори во странство, д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија и ЕОС Косово, Даниел Браун, директор на фондацијата Конрад Аденауер и Виктор Мизо извршен директор на Костал Македонија.
Говорниците ги споделија своите искуства во различни области на управувањето, кое еден од столбовите на ЕСГ рамката. Управувањето ги поставува правилата, политиките и процедурите кои им помагаат на организациите да ги исполнат деловните, заедно со еколошките и социјалните цели. Притоа беше нагласена потребата за соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор за да се поттикнат и спроведат суштински процеси кои ќе поддржат имплементација на иновации и решенија базирани на ЕСГ стандардите во повеќе области.
„Промените и развојот во општеството се процеси кои се можни само доколку постои широк консензус и јасна волја кај сите чинители во општеството. ЕОС Матрикс Македонија, како дел од ЕОС Групацијата, со голема посветеност работи на имплементација на ЕСГ стандардите. Но, суштината на овие стандарди не е тие да се воведат само во рамките на една компанија, туку нашата експертиза и искуствата да ги споделиме со пошироката заедница и секој нејзин член да ја заземе својата улога. Највисока цел на ЕСГ концептот е преку системски промени да иницира иновации и развој на начин кој е праведен и кој ќе донесе просперитет. Затоа, исклучително важно во овој процес е да се поврземе и да направиме силна платформа помеѓу јавниот и приватниот сектор за да имаме што подобри резултати“, истакна д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија, членка на Групацијата ЕОС која делува на пазарите во повеќе од 20 земји и вработува 6.000 лица ширум Европа.
На дискусијата, покрај другото, се разговараше и за градење на деловна средина базирана на ЕСГ стандардите, бидејќи така ќе се забрзаат овие процеси и ќе се почувствуваат ефектите од нив. Ставајќи го акцентот на управувањето како важен дел од ЕСГ концептот, говорниците констатираа дека доброто управување е тимска задача, но истовремено и лична одговорност на секој поединец во заедницата.
За да го подигне процесот на имплементација на активности базирани на ЕСГ стандарди, Европската унија минатата година усвои Директива за известување за корпоративна одржливост, која од компаниите во ЕУ и од земјите кои се’ уште не се дел од Унијата бара да поднесуваат годишни извештаи, според европските стандарди за известување и одржливост (ESRS), а компаниите ќе треба да известуваат согласно овие стандарди веќе за 2024 година. И во домашното законодавство во фаза на имплементација е обврска за ваков тип на извештаи за македонските компании, која ќе стапи на сила по усвојување на законските измени.
ЕОС Матрикс Македонија