Стружанецот што исчезна пред два дена е пронајден мртов

Телото на 60-годишниот стружанец било пронајдено без траги на насилство, а смрт констатирала медицинска екипа

ФОТО: Фејсбук-страница на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвениот крст Охрид

По два дена потрага, денеска околу пладне е пронајдено телото на 60-годишниот стружанец К. М., кој беше пријавен за исчезнат во реонот на селото Брчево.

„Во атарот на струшкото село Глобочица денеска околу пладне е пронајдено безживотното тело на 60-годишниот жител на Струга, кој пред два дена беше пријавен за исчезнат“,

вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски во изјава за МИА.

Телото на 60-годишниот стружанец било пронајдено без траги на насилство. Смрт констатирала медицинска екипа.

Полициска екипа во присуство на јавен обвинител извршила увид на местото каде што бил пронајден К. М., а телото на починатиот било предадено на обдукција.

Стружанецот, според информациите од Секторот за потраги по исчезнати лица при Министерството за внатрешни работи, на 20 октомври излегол од својата куќа во селото и заминал да собира шумски плодови.

Соседите од селото рекле дека К. М. до 16:30 часот не се вратил во својата викенд-куќа.

Лицето за изчезнато е пријавено еден ден подоцна од неговиот брат Љ. М.

Во потрагата по лицето на терен во координација со струшката полиција беа вклучени три члена на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвениот крст Охрид и водич на куче за пребарување од здружението „Куче спасител“ од Охрид.

- Реклама -