Студентите во блокада ги повикаа граѓаните на Србија за масовен штрајк до исполнување на нивните барања.

Студенти во блокада повикуваат на масовен прекин на работата

Студентите во Србија, кои се на блокада, ги покануваат сите граѓани да се приклучат на масовен прекин на работата од 1 јули, сè до исполнување на три клучни барања.

Тие барања вклучуваат распишување на вонредни парламентарни избори, распуштање на „собирот“ во Пионирски парк во Белград, како и ослободување на притворените студенти.

„Ги повикуваме сите граѓани да излезат на масовен прекин на работата од вторник, 1 јули, сè додека не се исполнат нашите барања“, се вели во пораката објавена на социјалните мрежи од страна на студентите.

Вишото јавно обвинителство во Белград информираше дека 29 од вкупно 30 осомничени лица биле сослушани за напад врз полицијата и насилно однесување за време на протестот од 28 јуни. Задржувањето на едно лице е укинато поради недостаток на докази за извршување на кривично дело.

Обвинителството предложи на судијата за претходна постапка во Вишиот суд во Белград да одреди притвор за 26 осомничени, со цел да се избегне повторување на кривични дела во тесен временски рок.

Групи студенти, кои ги блокираа факултетите, продолжија со мобилни блокади, блокирајќи одредени раскрсници и улици низ речиси цела Србија, вклучувајќи Белград, Нови Сад и Ниш. Полицијата презеде мерки за одблокирање на улиците, додека студентите продожуваат со повиците за граѓанска непослушност и блокади на клучните патишта во Белград и истакнати градови во Србија.