Куќата во која живее Суад Мисини е наследство на неговата покојна сопруга, Азбија Мемедова, која била забележителен застапник за правата на човекот и на децата.
Целта на Суад и неговиот син Исак е овој простор во иднина да се користи како безбеден хаб за жртви на семејно насилство, деца без родители и лица во социјален ризик.
На својот профил на социјалните мрежи, Мисини повика архитекти и хумани поединци да се приклучат во обновата и адаптацијата на куќата. Тој најави дека ќе бидат наведени имињата на сите кои ќе понудат поддршка на самиот влез.
„Оваа куќа ќе стане сигурно место за деца без родителска грижа, самохрани родители и семејства во тешка ситуација, жртви на семејно насилство. За Азбија, тие категории беа централни во нејзиниот живот. И ние ќе продолжиме со нејзината мисија.
Во ова пристаниште, тие ќе можат да добијат поддршка, активно да се одмараат, да учествуваат во различни тренинзи и да најдат нова надеж за иднината.
За реализација на оваа иницијатива, потребна ни е почетна донација од моите пријатели, и познати и не толку познати архитекти. Ние бараме проект за рехабилитација на куќата, за да можеме да започнеме со остварување на нашата цел.
Сосема е јасно дека патот нема да биде лесен, но ние сме определени да успееме.
Додека дишеме, нашата идеја ќе продолжи да живее.
На влезот на ова Пристаниште ќе бидат запишани имињата на сите кои конкретно ќе придонесат за неговото функционирање.
Ви благодариме на сите кои ќе помогнете,
без оглед дали сте во Македонија или надвор од неа.
Секој може да придонесе, дури и со споделување на оваа објава.
Ако сакате да дадете конкретна помош, слободно пишете ми во порака или јавете се – мојот број е лесно достапен“, помена Мисини.




