Судењето на осумте здравствени работници обвинети за „убиство“ во случајот на смртта на аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона е одложено од октомври за март, објавија аргентинските медиуми.
Судот во Сан Исидро, град на периферијата на Буенос Аирес, во четвртокот го одобри барањето на тројца од осумте обвинети да се одложи по вторпат судењето, првично закажано за 4. јуни и планирано да започне на 1. октомври.
Процесот сега ќе започне на 11. март, пишува аргентинскиот весник La Nacion.
Фудбалскиот великан, кој ја предводеше Аргентина до втората титула на Светското првенство во 1986 година, почина на 60-годишна возраст во ноември 2020 година од срцева слабост, откако неколку дена претходно беше подложен на операција на мозокот.
Меѓу обвинетите за смртта на поранешниот играч на Бока Јуниорс и Наполи се неговиот неврохирург, психолог, психијатар и медицински сестри, кои би можеле да се соочат со затворски казни од осум до 25 години.