Супербубачките ќе нé убијат пред климатските промени

Дејм Сали Дејвис – главниот медицински офицер на Велика Британија, го предупреди светот дека отпорноста на антибиотици претставува смртна закана по човештвото уште во 2013 година.

Како што вели таа, круцијалниот момент кога целиот свет почна да зборува за климатските промени се случи кога британската влада го објави Stern Review-то за Економијата на климатските промени во 2006-та. Со надеж дека ќе го имаат истиот ефект, Дејвис и нејзиниот тим во 2013-та објавуваат свое „Stern“ ривју (практично анализа од економски аспект), за супербубачките* (назив за бактериски нишки отпорни на неколку типови антибиотици*) и отпорноста на антибиотици. Сепак, недостатокот на „хард дата“ (т.е. конкретни податоци) во тој момент, претпоставува Дејвис, направи да не бидат сериозно сфатени.

Како и да е, во тоа свое истражување, Дејвис, во соработка со економистот Џим О’Нил и експертот по климатски промени – Николас Стерн, покажа дека благодарение на инфекции отпорни на лекови, секоја година низ светот умираат по 700.000 луѓе. Главен меѓу убијците се мутирани бактерии на Ешерихија Коли, која инаку ја има во цревата на секој човек.

„Оваа стапка на смртност, до 2050-та ќе порасне до 10 милиони мртви годишно, освен ако не преземеме некаква акција“, предупредува Дејвис. „Тоа ќе ја чини светската економија меѓу 60 и 100 билиони долари секоја година – што е отприлика колку целата британска економија, а тоа ќе го збрише економскиот раст низ светот“.

Решението е иновација, но пазарот не само што не ја испорачува, туку и не делува премногу заинтересиран. „Нема нова класа на антибиотици во клиничката пракса уште од 1980-тите“, вели Дејвис. Има одредени компании што работат на (или веќе имаат) нови групи лекови, но не можат да најдат инвеститори.

Иако владите на САД, Британија и ЕУ овозможуваат колку толку фундирање на ова поле, сумите се смешни во споредба со парите што одат на истражувања околу ракот, на пример. Што веројатно е погрешно, бидејќи проблемот е многу покомплексен од тоа – пред сé, лековите против ракот не работат без истовремена „поддршка“ од антибиотици.

Дејвис се надева дека нејзиниот извештај може да го реши ова. Во него пишува: „Еден од проблемите е што компаниите за лекови се плашат дека новите лекови ќе бидат чувани како последна опција од страна на СЗО, и дека тоа ќе ги направи непрофитабилни… Но 700.000 луѓе умираат секоја година. Веќе сме во фазата на последна опција, уште сега. Нешто што се заканува на 700.000 годишно Е профитабилен лек“.

Не се сведува само на лекови. Дејвис инсистира и на истражување на нови третмани, како нови начини на достава на антибиотиците низ телото. На пример, диспензирање на антибиотиците само на местото на инфекција, со помош на ултразвук.

Сегашната ситуација ја споредува со зелената енергија. „Климатските промени беа прифатени со страв, но потоа обновливата енергија стана страшно профитабилна индустрија. Со супербубачките (или супербактериите, ако преферирате), секој што ќе го реши проблемот со хигиената во болниците или агрикултурата, ќе има бизнис од милиони долари“.

Дотогаш, Дејвис ќе патува по светот и упорно ќе досаѓа за важноста на проблемот. Смета дека мора така, за свеста да стигне и да се одржи на високо ниво.

Се размислува и за воведување на XPRIZE награда, како онаа што го мотивира вселенското патување и истражување. „Супербубачките се класичен пример на потфрлање на пазарот. Владата е премногу линеарна, индустријата не гледа профит, лабораториите имаат свои проблеми, а невладините тешко иновираат“, вели Маркус Шинглс – CEO-то на XPRIZE, кој истото ова ѝ го предложил на Дејвис при средбата на овогодинешниот Wired LIVE фестивал одржан на 2-4 ноември. „Ова е токму тој бихејвиорален научен проблем што XPRIZE е дизајнирана да го реши. Таа беше заинтересирана, мислам дека ќе се случи“, рече Шинглс по средбата.

- Реклама -