Со право овој важен и чудесен настан ги слави и величи кинематограферите како волшебници и магионичари кои од приказната прават слика и филм, порача Сиљановска Давкова на отворањето на фестивалот
Со видео-обраќање на претседателката Гордана Сиљановска Давкова официјално беше отворено 45. издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Во говорот таа порача дека со право овој важен и чудесен настан ги слави и величи кинематограферите како волшебници и магионичари кои од приказната прават слика и филм.
„Сите ние имаме лична историја запишана во нашата или нечија меморија. Во книгите или во видеозаписите како што Милтон и Јанаки ги запишале и сочувале големите собитија на почетокот на 20 век, но и малите секојдневни работи и активности. Нивните записи се не само историја, туку и уметност, битолска, национална, регионална и светска. Да продолжиме да ги чествуваме и славиме браќата Манаки. Да ги сакаме, негуваме и славиме, филмот и уметноста, да го живееме животот, оти едни и единствени се браќата Манаки, “
порача претседателката.
На големата сцена во Битола беше доделена наградата „Златна Камера 300“ за животно дело, која му припадна на францускиот кинематографер Бруно Далбонел, а ја врачи претседателот на владата Христијан Мицкоски. Лауреатот Далбонел истакна дека би сакал „да му врати на киното за тоа што киното го направило за него“.
Специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност ја додели градоначалникот на Битола Тони Коњановски на истакнатата полска кинематограферка Јоланта Дилевска.
На свеченото отворање беше врачена и наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.
На годинашното издание на фестивалот најавено е присуство на 300 до 450 гости, меѓу кои претседатели и претставници на бројни национални и меѓународни кинематограферски организации (од САД, ОК, Италија, Франција, Шпанија, Австралија, ИМАГО), реномирани светски познати кинематографери.
Почнувајќи од утре, првпат на Широк сокак во Битола ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата „Златна камера 300“, која се доделува за животен опус, со годината кога ги добиле, почнувајќи од браќата Манаки, во чие име е направен фестивалот. Двајцата – Јанаки и Милтон Манаки ќе добијат по една ѕвезда, кои во присуство на членови на нивното семејство ќе бидат отворени.