Чествувањето на Денот на ослободувањето на Гостивар и јубилејот 80 години слободен град се заокружи вечерва со свеченост во Центарот за култура АСНОМ, исполнета со културно-уметничка програма и доделување на награди за ученици.
На настанот присуствуваа личности од јавниот, религиозниот и политичкиот живот, градоначалникот Ваљбон Лимани, претставници од училиштата и други институции, како и ученици.
„Највозвишеното, најдрагоценото и најсуштественото чувство од кое се издига секое човекова вредност и ја претставува смислата на човековиот живот е слободата. Да се биде слободен не значи само да се тргнат оковите, туку да се живее на начин кој ги почитува и возвишува слободите и правата на останатите.“, беше речено во воведниот дел од свеченоста.
Во своето обраќање претседателот на гостиварската боречка организација Радислав Ѓиноски подвлече:
„Чувањето на споменот на борците од НОВ не е само цивилизациски долг, тоа пред сѐ е потреба на сегашните и идните генерации објективно да размислуваат за тоа време, да ги сочуваат неговите неспорни вредност, врз нив да создаваат нови и уште посилни и пообединувачки. Да учат од грешните на тоа време и времето по него, зашто попусти се историските поуки, ако се повторуваат истите грешки. Само така, жртвите на илјадници знајни и незнајни во таа генерација ќе имаат своја смисла и оправдување. Ги повикуваме сите на кои човековото достоинство им е најсветата вредност да продолжат да ги чуваат, негуваат и развиваат слободарските традиции во современото живеење. Денес Гостивар е редок бисер на соживот и богата традиција“.
На манифестацијата беа прогласени и најдобрите литературни творби од конкурсот што Сојузот на борци Гостивар го распиша на тема: 18 Ноември, ден кој ги обединува минатото, сегашноста и иднината. Творбите ги оценуваше жири-комисија составена од професори по македонски јазик: Габриела Петроска, Александар Велјаноски и Билјана Атанасовска.
„Имавме тешка, а истовремено и благопријатна обврска. Читајќи ги текстовите низ глава ми минуваше мислата: Народ кој има вакви млади, не треба да стравува за својата иднина. И навистина во есеите на младите творци забележавме искрена почит кон жртвите положени во Втората светска војна Нашата младина знае да се поклони пред историјата“, истакна Петроска, како претседател на жири-комисијата.
Во категоријата на основци, првото место го освои Алексеа Симуноска од ОУ „Мустафа К.Ататурк“ под менторство на Ели Смилеска, второто Дора Софреска од ОУ „Гоце Делчев“ под менторство на Ефимија Групчева, додека третото Мила Бошкоска од ОУ „Единство“ под менторство на Лепа Јовческа.
Во категоријата на средношколци првонаградена е Сашка Билбиловска од медицинското училиште (ментор Горица Војноска), второто место му припадна на Филип Билбилоски од гимназијата (ментор Андријана Страшеска, а третото на Адила Мирто од економското училиште (ментор Лилјана Стојановска). Првонаградените на конкурсот ги прочитаа своите есеи на свеченоста.
Музичкиот дел од програмата го исполнија Фаворити бенд, ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ и АРЕА. Пред свеченоста во холот на установата беше отворена изложба на фотографии „Гостивар низ историјата“.
Осумдесет години слободен Гостивар се одбележа со низа активности: засадување дрвца во паркот, положување цвеќе на споменикот на паднати борци, како и манифестација Децата и младите за Гостивар.