Часовникот на апокалипсата, кој ја симболизира заканата од глобални катаклизми, останува на две минути до полноќ. Меѓу главните причини е и (зло)употребата на информацијата како оружје за слабеење на демократиите во светот, соопштуваат американските научници кои секоја година ги прилагодуваат стрелките на симболичниот часовник во склад со случувањата во светот.
Стрелките на часовникот се на две минути до полноќ (полноќ е моментот на катаклизмата, секако) исто како и во 1953 година, кога САД и Советскиот сојуз ја тестираа хидрогенската бомба, се наведува во извештајот на Bulletin of the Atomic Scientists (BSA).
Стрелката беше на иста позиција и лани, но тоа не е знак на стабилност, порачува Рејчел Бронсон – членка на BSA. Според неа, поради ризикот од нуклеарна војна, климатски промени и ширењето лажни вести како оружје за дестабилизација, светот влегол во нова фаза која научниците ја нарекуваат „нов абнормален период“.
Џери Браун – поранешен гувернер на Калифорнија и исто така член на BSA, оценува дека светските лидери не прават доволно за да се намали опасноста од избивање на нуклеарна војна:
„Заслепеноста и глупоста на политичарите и нивните советници е навистина нешто шокантно во однос на опасноста од нуклеарна катастрофа. Ние сме како патниците на Титаник. Не ја гледаме ледената санта пред нас, но затоа уживаме во доброто јадење и музиката“, вели Браун.
Часовникот на апокалипсата, нарекуван и Часовник на судниот ден, настана набрзо по почетокот на Студената војна. Оттогаш – од 1947 година наваму, научниците од BSA од Универзитетот во Чикаго редовно го ажурираат со цел да предупредат на опасноста од нуклеарни, еколошки и технолошки закани.