Светот на колумбиските фармери на кокаин, низ фотографии (фотогалерија)

Длабоко во колумбиската џунгла, фотографот Мадс Нисен го документирал секојдневниот живот на луѓето инволвирани во производството и трговијата со кокаин и канабис.

Како некој кој фотографирал во неодамнешните војни во Либија и Авганистан, а потоа бил испратен во Колумбија да го фотографира тогашниот колумбиски претседател Хуан Мануел Сантос, Нисен има развиено широка мрежа на контакти. Со нивна помош, во Колумбија лично запознал млади луѓе кои го заработуваат лебот берејќи листови кока од кои подоцна се произведува кокаин. Малку по малку, добивајќи ја довербата, наскоро се нашол во самите џунгли, директно сведочејќи го производството и секојдневието на локалните жители кои на овој начин заработуваат за живот.

Како што раскажува Нисен, набраните листови кока, најпрво се транспортираат до тајните лаборатории во џунглата. Берењето кока е дупло поплатено од берењето кафе, па младите главно се одлучуваат за ова првото.

Во случајот на Нисен, листовите му ги носеле на човек по име Андре, кој раководи со лабораторија во џунглата прекриена со маскирни платна и зеленило за да не може да биде детектирана од воздух.

Процесот на производство што го објаснува фотографот е практично истиот кој во една претходна прилика ни го објасни популарниот готвач Гордон Ремзи. Нисен истакнува дека целиот процес трае околу еден ден, и дека мириса ужасно. Дури и од самите испарувања може „да те фати“ и да станеш „хај“.

Во една од етапите на производството на кокаин, кока листовите се посипуваат со бензин.

Сепак, вели Нисен, ни Андре, ни локалните, ниту пак момчињата што ги берат листовите кока, самите не користат кокаин. Тие преферираат алкохол. Андре, пак, сака да биде пилот. Парите ги собира за да плати за потребниот сертификат.

Од друга страна, во Колумбија се произведува кокаин повеќе од било кога. Тек-тук ќе забележите по некое поле во руралните средини, но штом навлезете подлабоко, полиња има насекаде, раскажува фотографот. При една посета на област во близина на градот Кали, полињата со кока и марихуана се протегале до каде што може да докачи окото.

Што се однесува до довербата на локалните, Нисен вели дека тешко се стекнува. Главно поради тоа што луѓето воопшто не им веруваат на медиумите, бидејќи овие главно ги потретираат како терористи и криминалци. Сепак, луѓето не се доживуваат така, па најчесто кога дозволуваат да бидат фотографирани и снимани, како во случајот на Нисен, тоа е за да погледне светот низ нивните очи, од нивна перспектива.

Фотографот вели дека бил изненаден од тоа колку сите ние луѓето имаме заедничко. „Луѓето се мотивирани и се водат од истите нешта“, вели тој. „Во свет луд како нашиот, олеснувачко е сознанието дека можеш да се поврзеш со секој сé додека си отворен да го сослушаш. Можеби тоа прави да звучам како хипик, но тоа не е случај. Едноставно не сакам да им судам на луѓето. Андре има произведено тони кокаин, но кој е одговорен? Тој што произведува, или тие што користат? Повеќе сум љубопитен отколку желен да судам“.

„Фотографирав татко со неговите две ќерки покрај поле со марихуана. Ми рече: Дрогите носат  насилство, зависност, хаос, конфликт и вооружени герили. Но ако го немав ова, немаше да можам да си дозволам училишни униформи за моите ќерки“, раскажува Нисен.

Таткото во повеќе наврати се обидувал да сади легални култури, но ниту една од нив не му донела доволно профит за да може да живее. Инфраструктурата во планините е поразителна, и полесно е да се пренесе пола кило кока надоле по ридот, отколку да се искачи камион со домати, на пример. А кога луѓето живеат во екстремна сиромаштија, нештата ги прават од очај. „Ако сакаме да се избориме со тоа, мора прво да се адресира проблемот со сиромаштијата“, заклучува Нисен.

Нисен ја посетил Колумбија токму кога владата на Сантос преговарала за примирје со радикалната терористичка организација ФАРК. Сакајќи да ја види и другата страна, фотографот престојувал и во регионите контролирани од оваа групација.
Улиците на гратчето Соача, јужно од Богота.

Сушен канабис.
Исушените кока листови се попрскуваат со цемент.
На крајот се добива паста, која потоа се рафинира во кокаин прав.

Повеќе за авантурата на Нисен, особено меѓу припадниците на ФАРК, прочитајте на Vice.

- Реклама -