Тајланд ја обвинува Камбоџа за прекршување на примирјето.

Тајландската војска денес обвини камбоџанските сили за прекршување на договорот за прекин на огнот на три различни локации долж спорната граница. Тие предупредија дека ако агресијата продолжи, тоа би можело да ја принуди тајландската војска да реагира со построги мерки.

Според соопштението на Тајланд, камбоџанските сили пукаа во позиции во североисточната покраина Сисакет, на северната граница со Камбоџа.

„Камбоџанските сили користеле малокалибарско оружје и фрлачи на гранати, што не остави друг избор освен да одговориме во самоодбрана“, изјави портпаролот на тајландската војска, генерал-мајор Винтаи Сувари, пред новинарите.

Тој додаде дека ова е втор инцидент откако беше постигнат договорот за прекин на огнот, и истакна дека ваквото однесување не ги почитува договорите, ја поткопува деескалацијата и ја нарушува довербата помеѓу двете држави.

Оваа изјава пристигна помалку од два дена по постигнувањето на договорот за прекин на огнот во Малезија, кој стапи на сила на полноќ во понеделник, со цел да се прекинат борбите и да се спречи ескалација по петдневните интензивни конфликти во кои загинаа најмалку 43 лица, а повеќе од 300.000 цивили беа раселени од двете страни.

Прочитајте и:  Трамп на Самитот на Г7 порача дека Русија треба да се согласува на договор со Украина

Примирјето беше направено под притисок од малезискиот премиер Анвар Ибрахим и американскиот претседател Доналд Трамп, кои ги предупредија тајландските и камбоџанските лидери дека трговските преговори со САД не ќе напредуваат ако борбите продолжат.

Камбоџа ги отфрли обвинувањата од Тајланд, нагласувајќи дека е посветена на очувањето на прекинот на огнот.

„Камбоџа ги отфрла овие тврдења како лажни, погрешни и штетни за кревкиот процес на изградба на доверба“, изјави портпаролот на камбоџанското Министерство за надворешни работи, Чум Суни, на прес-конференција, додавајќи дека владата поддржува механизам за мониторинг и независен набљудувач. (МИА)