Талибанците одбиваат соработка со САД во сузбивањето на Исламска држава

Исламабад, 9 октомври 2021 (МИА) – Талибанците денеска отфрлија можност за соработка со САД во сузбивањето на екстремистичките групи во Авганистан, изразувајќи таков став пред првите директни разговори меѓу двете страни откако Американците се повлекоа од таа земја.

Високи претставници на талибанците и американски претставници треба да се состанат денеска и утре во Доха, главниот град на Катар.

Официјални лица од двете страни рекоа дека прашањата за кои се разговара ќе вклучуваат спречување на екстремистичките групи и евакуација на странски државјани и Авганистанци од земјата.

Талибанците посочија дека ќе бидат флексибилни во однос на евакуацијата.

Портпаролот на талибанците Сухаил Шахин за американски медиуми изјави дека нема да има соработка со Вашингтон во борбата против се поактивниот огранок на ИД во Авганистан. ИД ја презеде одговорноста за голем број напади, вклучувајќи го и нападот врз џамија во петокот во кој загинаа 46 шиити, а десетици беа повредени.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

„Можеме сами да се бориме против ДАЕШ“, рече Шахин, користејќи ја арапската кратенка за ИД.

- Реклама -