Ансамблот Танец ќе настапи на летните сцени во Охрид, Прилеп, Галичник и Крушево, како дел од чествувањето на 75- годишнината од нивното основање.
По маестралната пролетна сезона од својата јубилејна година, којашто се одвива под мотото „ ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“, Танец е подготвен да настапи на неколку летни сцени во земјава – Охрид, Прилеп, Галичник и Крушево.
По серијата успешни концерти во Гостивар, Македонска Каменица, Пехчево, Кавадарци и Кичево, како и величествените концерти во Скопје – Велигденскиот концерт, концертот во чест на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, концертот на ДММ 2024 во чест на 80-годишнината на МРТ и Народниот оркестар, како и мултимедијалниот настан во соработка со Кинотека на Макаедонија, ансамблот продолжува со своите настапи.
Танец вечерва на Долни Сарај – Охрид, во 20:30 часот, свечено ќе го отвори 63. Балкански фестивал на народни песни и игри, а два дена потоа на 5 јули , во 19:00 часот ќе настапи на Летната сцена на НУ Завод и музеј – Прилеп и ќе има целовечерен концерт со изворен вокално-инструментален репертоар, по повод свеченото отворање на јубилејниот 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски – Долнени.
Секако, и овогодинешната културно-сценската манифестација „Галичка свадба“ нема да да помине без Танец, каде ансамблот на 13 и 14 јули ексклузивно ќе ги изведе ората „Тешкото“, „Невестинско“ и „Манукот“, а на 25 јули, повторно традиционално, ќе има голем концерт спроти меѓународниот фолклорен фестивал “Илинденски денови”, каде ќе настапи целиот ансамбл со богата кореографска и вокално-инструментална програма.
Местото на одржување на концертот, како и на секоја летна манифестација, е во зависност од временските услови.
На 2 август, како и досега, Танец и оваа полусезона ќе ја заврши со традиционалните концертни настапи во Крушево и Пелинце, по повод големиот македонски празник Илинден.
Јубилејната концертна сезона на Танец продолжува веќе во септември, со балканската турнеја на проектот „Фолклорно-класична симбиоза„ (грандиозниот заеднички концерт на Танец со оркестарот и хорот на Националната опера и балет), после која ќе следува ноемврискиот гала концерт по повод централно одбележување на 75-годишнината на НУ Танец и секако, традиционалниот новогодишен концерт кон крајот на декември.
Во меѓувреме Танец нема да ги запостави и настапите низ татковината и ќе одржи уште неколку концерти во Велес, Струмица и Свети Николе.