ТАНЕЦ – 75 години македонки код, 75 години македонска традиција

(24 МАРТ 1949 – 24 МАРТ 2024)

Основан во 1949 година во Скопје, како единствена установа од таков вид, ансамблот Танец веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура, и недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги презентира највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој денес претставува едно од најблескавите лица на македонската културна историја. Танец е беспоговорно најрепрезентативниот амбасадор на македонската народна уметност и култура во светот. Како подвижен музеј на македонското културно богатство, ансамблот 75 години ја шири убавината на македонските ора и песни, на најголемите сцени во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа, но никогаш не го заборава и сопствениот народ, кому му ја должи својата суштина. Со Танец и богатиот македонски фолклор, Македонија отсекогаш била и секогаш ќе биде светла точка на светската културна мапа.

Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмската визија на основачите, ансамблот низ годините растеше, се развиваше и прерасна во модерна институција за почит. Секогаш цврсто поддржувајќи ги своите основни вредности, од своите скромните почетоци до денес, ансамблот постојано еволуираше и се издигна на нивото на симбол на уметничка извонредност, прикажувајќи го уникатниот живописен мозаик на нашата културна раскош пред светот. Додека ја одбележуваме оваа значајна отсечка во времето, ние пред нас ја имаме на ум целокупната седумиполдецениска посветеност и страст на сите генерации извонредни играорци, песнопојци, свирачи кои оставиле драгоцен дел од својот живот во Танец. Нивната непоколеблива заложба за зачувување и промовирање на македонските народни традиции, не само што го збогати македонскиот културен пејсаж, туку послужи и како транскултурен и сеопшт катализатор за дијалог и единство во глобални рамки. Сите ја знаат македонската песна, сите се неми пред македонскиот чекор, на сите им е познат македонскиот бит. И нема да е претерано ако кажеме дека недвосмислената убавина на нашиот фолклор е еден од најблескавите бисери во герданот на светското културно наследство. Танец е наша и светска гордост, Танец е македонскиот идентитетски код, длабоко втиснат во светската културна меморија!

„Сите ние во денешниот Танец сме горди и возбудени што овие денови зачекоривме во новата јубилејна концертна сезона, која е посебна за нас. Танец е 75 години светилник на македонското културно наследство, а ние ја имаме одговорноста тој да засветли уште посилно, во име на сите минати генерации, кои ги удирале темелите и ги крепеле бедемите на оваа институција, но уште повеќе за сите идни генерации кои ќе треба да ја чуваат како свој најголем аманет во годините што претстојат“, се вели во објавата на фејсбук на страницата на Танец.

Оваа јубилејна сезона не е само прослава на Танец, туку и ваша. Прослава на секој еден кој го поддржал Танец на неговиот величествен пат, којшто ја разбрал неговата голема и значајна мисија. Вашата безрезервна љубов и поддршка отсекогаш биле движечката сила на нашиот успех, и за тоа сме ви вечно благодарни. Да ја направиме заедно и оваа славеничка година, година за паметење! Да се здружиме, да чествуваме и да создадеме спомени кои ќе одекнуваат милениуми по нас. Танец изникнал од народот и ја пишувал својата приказна со народот. Затоа, ајде здружено да почнеме да го пишуваме и следното поглавје на Танец! Така за навек!

СРЕЌЕН РОДЕНДЕН ТАНЕЦ!

- Реклама -