Таравари: Ако нема уставни измени, ќе нема ни Македонци ни Албанци – сите ќе се иселат

В.д. претседателот на Алијанса за Албанците – Арбен Таравари, се надева дека во овој парламентарен состав ќе бидат донесени уставните измени и дека ќе помине нивното барање од Уставот да се тргне формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“.

„Мислам дека ова прашање е веќе апсолвирано и дека има добро расположение и кај македонските и кај албанските партии. Мислам дека постои консензус за тоа. Не е достоинствено за било кој јазик да стои ’20 проценти’. Мислам дека е достоинствено да стои македонски и албански јазик“, рече Таравари во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

Доколку не се изгласаат уставните измени, смета тој, неизбежни се предвремени парламентарни избори.

„Ако не поминат уставните измени во овој парламентарен состав, тогаш мислам дека уште долг временски период ќе тапкаме во место и ќе бидеме држава во која нема да има ниту Македонци, ниту Албанци, ниту други етнички заедници, бидејќи полека народот се иселува. Ако не поминат уставните измени, може да се случат и предвремени избори. Ако нема договор за уставните измени, мислам дека неизбежни се предвремените избори“, истакна Таравари.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Тој предложи и дека можеби треба да се размислува и за, како што рече, „нов функционален Устав“ наместо постоечкиот кој, според него, е „крпен“.

„Убаво е да размислуваме можеби за нов функционален Устав. Нашиот Устав, за жал, е крпен устав. Нон стоп е менуван како што евалуирала државата“, оцени Таравари.

Тој изрази и подготвеност Алијанса за Албанците да разговара за балансерот (за етничка застапеност при вработувања), но, како што рече, во насока на носење нов закон за „правична застапеност“.

Извор: МИА

- Реклама -