„Ова е револуција на проблеми што не се решени повеќе од десет години. Последната позитивна листа е од 2009 година, а во 2014 година само еден лек е надополнет, а сега имаме девет лека за 50 дена откако сме на функција. Се надевам дека веднаш после Нова година ќе имаме повторно проширување на листата“, вели министерот за здравство
Од 16 септември пациентите ќе можат бесплатно да ги земаат деветте нови лека на позитивната листа во аптеките. Ова денеска го изјави министерот за здравство Арбен Таравари одговарајќи на новинарско прашање од кога ќе можат граѓаните да ги подигаат новите лекови на позитивната листа, како и на која група болести ќе се стави акцент во новото проширување на лековите, при што додаде дека очекува дека на секои три-четири месеци ќе има дополнување на еден или два лека.
„Со Светската здравствена организација (СЗО) подготвуваме платформа која треба да обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Препораки ќе има и од СЗО, но и од експертите во државата. Би сакале тоа проширување на позитивната листа да биде што потранспарентно и што посеопфатно. Ќе го направиме тоа што најмногу им треба на граѓаните, со што би ги намалиле нивните трошоци“,
вели министерот.
Во наредниот период рече дека не може да вети проширување на уште десет нови лека, но гарантира оти на секои три до четири месеци ќе има надополнување со плус еден, два или три лека.
„Ова е револуција на проблеми што не се решени повеќе од десет години. Последната позитивна листа е од 2009 година, а во 2014 година само еден лек е надополнет, а сега имаме девет лека за 50 дена откако сме на функција. Се надевам дека веднаш после Нова година ќе имаме повторно проширување на листата“,
рече Таравари.
Ги повика заинтересираните фармацевтски фирми и производители на лекови да конкурираат и да бидат активни, да им сугерираат, со цел Министерството за здравство и Владата да можат да бидат потранспарентни, што ќе даде подобар резултат.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека постигнале значајна пресвртница со проширувањето на позитивната листа на лекови по пауза од повеќе од десет години.
„Приоритет е да се обезбеди секој граѓанин да има пристап до лековите што му се потребни без да се соочи со финансиски потешкотии. Заедничка цел е да изградиме здравствен систем што вистински ја одразува нашата посветеност за подобрување на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин“,
рече премиерот.
Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на почетокот на август донесе одлука за дополнување на позитивната листа.
Тогаш, директорот на Фондот, Сашо Клековски, рече дека станува збор за дваесет лекови од девет генерики, од можни 59 брендови и тоа: за крвни болести – антикоагуланси, болести на срце и крвни садови, како и за централниот нервен систем.
Пред една недела Клековски најави дека од 16 септември новите лекови ќе бидат достапни во системот и во аптеките, а матичните лекари да можат да почнат да ги издаваат и да се користат.