Таравари: Не може да се споредуваме со Хрватска, овде Македонци се 54% а Албанци се 30%

Ако нема уставни измени, кои се предуслов за отпочнување на преговорите со ЕУ, во тој случај ни се заканува вето од Бугарија и децениски застој налик на букурешкото вето од 2006 година, изјави денеска лидерот на Алијанса за Албанците – Арбен Таравари, во одговор на новинарско прашање од МИА.

Како што нагласи тој, Алијанса за Албанците ќе продолжи да работи во насока да се спроведат уставните измени оваа година.

„Тоа не е само наше инсистирање, туку на поголемиот дел од надворешните политички фактори кои изминативе 30 месеци ја поддржуваат Македонија во евроинтеграциите. Тоа се гледа и во изјавите на амбасадорите и министрите за надворешни работи, кои сметаа дека Македонија и Албанија треба заедно да ги отпочнат преговорите“, рече Таравари.

Во поглед на категоричниот став на ВМРО-ДПМНЕ против уставни измени (по бугарски терк, како што велат) политичките предлози и контра-предлози околу бришењето на процентот на Албанци од Уставот, Таравари оцени дека  споредбите со Хрватска не се соодветни, со образложение дека – според податоците од последниот попис во 2021 година – во земјава Македонци се 54, а Албанци 30 проценти.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

„Ако веќе сакаме да се споредуваме, тогаш да ги погледнеме примерите на Швајцарија на Белгија и земји кои имаат слична демографска слика. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го прават за да добијат поени кај луѓе кои се ултранационалисти. Не верувам дека така мислат, како што зборуваат на прес конференции“, изјави Таравари за предлогот на опозицијата за уставни измени, но по примерот на хрватскиот устав.

Прашан за евентуални предвремени избори, Таравари смета дека тоа нема да се случи, при што посочи на партиските анализи.

„Сметам дека прво ќе има претседателски, па потоа парламентарни. Ќе седнеме ние, четири-пет поголеми партии и ќе одлучиме дали ќе има избори, како што било и досега“, рече лидерот на АА.

Извор: МИА

- Реклама -