Таравари: Не се исклучува можноста да одиме во опозиција

Постојат дилеми околу останувањето на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) во владејачкото мнозинство, одговори денеска Арбен Таравари, лидер на оваа политичка партија и градоначалник на општина Гостивар, на прашање од МИА за одлуката дали оваа партија ќе остане во Владата или ќе оди во опозиција.

Според него, неизгласувањето на Законот за амнестија делува понижувачки.

„По одбивањето да се изгласа Законот за амнестија што беше предлог на Владата, искрено, ние се чувствуваме како понижени. За првпат во историјата се случува пратениците од владејачкото мнозинство да не донесат закон во Собрание предложен од Влада и тој да не помине. Меѓутоа, не сакаме да бидеме проблематични, односно ‘траблмејкери’ во таа Влада“, нагласи Таравари.

Лидерот на АА вели дека постои мала надеж да се случат уставните промени, па затоа, како што рече, нема да прават „метеж“ во период кој го оцени како тежок. Тој потврди дека имаат контакт со дипломати во земјава и ќе се состанат за да се консултираат околу натамошните чекори.

„Меѓутоа, имаме дилеми дали треба да се продолжи понатаму. Ние до крајот на ноември можеби ќе треба да одржиме седница на централното претседателство, да ги анализираме сите можности и не се исклучува можноста да одиме во опозиција. Ова е турбулентно време кога не се знае кој за кого работи. Ни требаат и инструкции од тие коишто ние ги нарекуваме свои пријатели и да знаеме кој пат да го фатиме“, рече Таравари.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

За состојбите во коалицијата, тој напомена дека не се видел со премиерот Димитар Ковачевски откако беше одбиен предлог-законот на министерот за правда Кренар Лога, и очекува тоа да биде деновиве.

Таравари потврди дека имал контакти со албанската политичка опозиција и дека засега нема да го ослободат местото во ДИК, бидејќи како што кажа, доколку одат во опозиција, тоа место им припаѓа.

На новинарско прашање околу понудата на Али Ахмети за настап на Алијанса и ДУИ со заеднички листи на претстојните избори, пак, Таравари соопшти дека последната одлука на партиското раководство на Алијанса за Албанците (АА) е на претстојните избори да настапат самостојно.

„Засега последната одлука на партиското раководство е на избори да одиме самостојно. Сепак оваа одлука треба да помине и на централното собрание што ќе се одржи до крајот на оваа година, некаде во декември. Дефинитивно, Алијанса за Албанците нема да оди со ДУИ со заеднички листи и тоа му го повторив на последната средба со Ахмети. Се подготвуваме за самостоен настап и го мобилизираме членството. Тоа е мој и став на претседателството, а дали ќе се смени, тоа ќе биде јасно по седница на највисокиот орган на партијата“, рече Таравари.

Извор: МИА

- Реклама -