Таравари: Нема преговори АА да биде дел од Владата, но ќе поддржиме уставни измени и како опозиција

В.Д. претседателот на Алијансата за Албанците (АА) – Арбен Таравари, денеска изјави дека во моментов нема преговори на неговата партија да стане дел од Владата. Сепак, Алијанса и како опозиција ќе ги поддржи уставните измени, со цел да бидат Бугарите дел од Уставот, подвлече тој.

„Нема преговори, ако има ќе излеземе пред вас и ќе кажеме сѐ што има. Ние ќе ги поддржиме уставните промени за вметнување на Бугарите, бугарскиот етникум во Македонија во преамбулата, без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или ќе бидеме опозиција. Тоа сме го кажале од првиот ден, продолжуваме да го кажуваме истото. Кога ќе има преговори ќе ве известиме и ќе бидеме максимално транспарентни. Горе-доле политиките на Алијанса за Албанците ќе продолжат исто. Тоа сум го кажал неколку пати, ние сме во комплетна реорганизација на партијата. Одиме на терен постојано. Ќе бидеме конструктивна опозиција како што бевме и досега и ќе видиме како ќе ги продолжиме работите, меѓутоа во нашата програма која е последна од 2020 изборна програма, тие се политиките на АА. Не се очекува нешто во политиките на АА да се смени“, изјави Таравари од партиското седиште, каде денеска ја поднесе кандидатура за претседател на партијата.

Таравари, прашан за коментар, негираше дека Алијанса ќе биде „резервна гума“ на ДУИ ако стане дел од владата – како што обвинија од Алтернатива.

„Ние не сме резервна гума на ДУИ. Тоа сигурно тврдам, најдоговорно велам. Некој е во Владата таму гума, само не би сакал да коментирам понатаму“, рече в.д. претседателот на АА.

Во однос на одредницата „20 отсто“ за албанскиот јазик, Таравари одговори дека се надева на почит од останатите партии по тоа прашање.

„Нашата идеја била и продолжува да биде дека треба да се тргне тоа проценти и бројки и треба да се стави ‘албански јазик’. Јас мислам дека има разбирање од повеќето политички фактори, зборам за поголемите македонски партии. Тоа го имаат кажано и јавно дека не им пречи бројката и процентот да се смени со албански јазик. Ние очекуваме да покажат почит и респект према нас и тоа да го спроведеме и тоа да биде дел од уставот. Ја мислам дека ’20 проценти’ ќе помине и сум оптимист и очекувам почит пред сѐ од македонските партии, официјалниот јазик да не се нарекува ‘јазик на 20 посто’ туку ‘албански јазик’. Се надевам дека ќе помине тоа“, рече Таравари.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

Тој повтори и дека АА не договара, ниту нешто договорила со Владата.

„Неколку пати сум кажал дека нема нешто дека сме се договориле или се договараме. Повеќе мислам дека се тоа шпекулации. Кажав и на почетокот – и ако има некаква понуда, партиските тела треба да одлучат за тоа. Јас не можам сам да кажувам прифаќаме, не прифаќаме, одбиваме,… Ако има некаква понуда за едногодишно владеење, зашто уште една година е останата од мандатот на оваа Влада, ќе видиме, ќе ја разгледаме и ќе одлучиме заедно во телата на партијата“, рече Таравари.

Тенденцијата на Алијанса, како што рече, е на следните избори да ја направи долгоочекуваната промена кај албанскот блок.

„Ќе видиме како ќе се случат работите. Нашите тенденции се следните избори да ја направиме долгоочекуваната промена кај албанскот блок. Албанците во земјава заслужуваат, по 20-годишно владеење, некој да ја смени ДУИ, а никој друг освен АА нема капацитет тоа да го направи. Се надевам дека ќе го постигнеме тоа“, истакна Таравари.

На прашањето дали АА е во комуникација со други албански партии за формирање некаква сплотена опозиција која би ја тргнала ДУИ, тој одговори дека скоро нема друга опозициска албанска партија, освен БЕСА.

„Сепак сметам дека АА е столбот на опозиционерството на албанските партии – и по рејтинзи и по сите анализи стоиме убедливо најдобро, и се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе ја донесат таа промена. Комуницираме, нормално, и со други партии, но навистина се минорни, кои сепак би ни требале за соработка. Ќе видиме, тоа ќе одлучиме кога ќе се доближат изборите“, подвлече Таравари.

Инаку, тој денеска поднесе кандидатура за претседател на партијата. Утре е крајниот рок за доставување кандидатури, две недели пред одржување на партискиот конгрес.

Извор: МИА

- Реклама -